Последиците од војната во Украина се различни кај различни компании. Посебно кај глобалните интернационални компании, кои сега се доведени во ситуација кога треба да бараат нови пазари каде што може да го префрлат своето производство. Од голем интерес за овој подвиг се и државите од Западен Балкан.

Ова го изјави Патрик Мартенс, директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија која заедно со Македонско-германското стопанско здружение е организатор на денешната конференција на тема „Очекувањата на приватниот сектор од новата Влада во време на корона и енергетска криза“.

– И компаниите, како и граѓаните се погодени во оваа криза во однос на зголемените трошоци за енергија, посебно тоа се чувствува кај компаниите коишто користат индустриска струја. Исто така, во изминатиот период имавме и зголемување на трошоците за персонал. Но, од друга страна, она што сакам да го кажам е дека кај некои од компаниите во земјата има потреба од зголемено производство. Некои од постоечките компании треба да ги прошират своите производни капацитети да вработат нови лица за да ги постигнат сите оние нови побарувања коишто ги имаат добиено од нивните клиенти. Покрај војната во Украина и други рамковни услови имаат влијание на индустријата во земјава, вели Мартенс на новинарско прашање пред отворањето на конференцијата.

Тој најави дека во Германија од 1 јануари следната година се воведува нов закон кој се однесува на глобалните синџири на добавувачи, а кој ќе биде засилен и со новиот закон за ЕУ. Според него, компаниите коишто се од текстилна индустрија тука можат да добијат одлична шанса. Се планира префрлување на производствово од Југоисточна Азија поблиску во Европа, така што компаниите коишто работат во оваа бранша во Северна Македонија може да добијат многу нови налози и многу нови бизниси, вели Мартенс.

Тој посочи на Вебхелп и Мажорел две нови компании, две нови инвестиции во државава коишто се од областа на услужната дејност и корисничкото искуство – кол-центри и кои се, вели, големи интернационални работодавачи. Тие работат со клиенти на пазарите во Европа и во Америка, и смета дека ќе обезбедат и ќе отворат голем број работни места и тоа добро платени работни места за граѓани со високо образование кои имаат познавање на јазици, така што, додава, гледаме дека некои работи се движат напред.

Мартенс повтори дека со воведување на Законот за заштита на синџирите на добавувачи од следната година, се раѓа шанса за македонската економија бидејќи македонското законодавство содејствува во поголемиот дел во рамките со европското законодавство, така што, смета дека тоа ќе придонесе многу за поголем број на компании во државата и многу повеќе работа за постоечките.

-Поединечни компании од автомобилската индустрија во земјава минатиот месец имаа за 20 проценти пад на извозот. До овој пад е дојдено бидејќи беше донесена одлука во Германија одредени модели на автомобили за одреден временски период да не се произведуваат, така што овие компании произведуваат компоненти токму за тие модели, меѓутоа, тоа, повторно нагласувам дека е случај само кај неколку компании.

Според него, Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија , како мост помеѓу Владата и компаниите се залага за добри рамковни услови за стопанството и за компаниите и работи на тоа онаму каде што можат да се подобрат тие услови уште повеќе, а тоа ќе биде побарано и од премиерот Димитар Ковачевски, кој ќе се обрати на конференцијата. Според него, дел од проблемите како сива економија, корупцијата, владеењето на правото, коишто беа наведени во анкетата спроведена пред три години меѓу германските компании во земјава, се уште постојат.

– Резултатите од таа анкета се уште ги имаме, во самата скала на оценување имавме позиција добро, меѓутоа позиција најдобро немавме. Така што можам да кажам дека дел од овие проблеми се уште постојат, меѓутоа сите страни засегнати и коишто се одговорни се информирани за овие прашања и ги знаат и се свесни и се работи на нивно подобрување, вели Мартенс.

Новата анкета, вели, е во процес на изработка, се спроведува во 13 држави во ЈИЕ, од канцелариите на германски комори во сите тие држави и вообичаено треба да се заврши кон крајот на пролетта, по што ќе бидат презентирани новите резултати.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/03/2022 16:54