Пентагон соопшти дека првите неколку пратки оружје и друга безбедносна помош пристигнале во Украина како дел од пакетот помош од 800 милиони американски долари одобрен од претседателот Џозеф Бајден на 16 март.

Директорката за комуникации на Белата куќа, Кејт Бедингфилд, рече дека САД имаат докази дека руската инвазија на Украина е „стратешка катастрофа“ за Русија.

Британското Министерство за одбрана објави нови податоци за ситуацијата во Украина според кои Русија префрла свои сили од Грузија со цел да го зголеми интензитетот на инвазијата врз Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за пролетно регрутирање, во кое се вклучени 134.500 млади мажи, нови регрути.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва изјави дека ситуацијата на југ и во регионот на Донбас и понатаму е исклучително тешка.

Пентагон денеска соопшти дека не знае дали рускиот конвој со воени возила што се приближува кон Киев, кој се протегаше на околу 65 километри, „сè уште постои во овој момент“.

Украинските власти соопштија дека најмалку 148 деца се убиени во руските напади од почетокот на инвазијата. Украинското Министерство за одбрана соопшти дека Русите од 24 февруари истрелале 1.370 проектили и уништиле 15 украински аеродроми.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека се подготвува да испрати мисија во Чернобил, каде што се наоѓаат нуклеарната централа и складиштето за радиоактивен отпад.

Руските сили не се повлекуваат, туку се прегрупираат, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Столтенберг, исто така, рече дека Алијансата допрва треба да биде убедена дека Русија преговара со добра волја за мировните преговори во Истанбул, бидејќи воената цел на Москва од започнувањето на нејзината инвазија на Украина не е променета.

Шефот на британските вооружени сили адмиралот Сер Тони Радакин рече: „Сцените од Мариупол и други места се ужасни, а следните недели ќе продолжат да бидат многу тешки.

Путин потпиша декрет според кој странските купувачи мора да плаќаат во рубљи за рускиот гас од 1 април. Тој рече дека договорите ќе бидат стопирани доколку овие плаќања не се извршат.

Германија и Франција брзо ги отфрлија барањата. Владините министри го нарекоа тоа неприфатливо прекршување на договорите и претставува „уцена“.

Руските сили околу Киев го изгубија офанзивниот капацитет и ја менуваат тактиката за да ги фаворизираат нападите од голем дострел повеќе отколку директните борби, изјави заменик-началникот на Генералштабот на копнените сили на Украина. Олександр Хрузевич рече: „Непријателот речиси го исцрпи својот офанзивен потенцијал, но силите што остануваат околу Киев не се мали“.

На повеќе високи претставници на Европската унија им е забранет влезот во Русија. Мерката беше одговор на она што Кремљ се обиде да го прикаже како антируска политика додека Москва се соочува со тешки санкции наметнати поради нејзината инвазија на Украина.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2022 09:45