Агенцијата за развој на САД (УСАИД) е значаен партнер на Македонија во изминатите 30 години во постигнување на нејзините стратешки цели и стандардите за членство во НАТО и пристапување во ЕУ, констатирале на денешната средба министерот за финансии Фатмир Бесими и претставникот на УСАИД во земјава Ерик Јановски, кој го завршува својот мандат во втората половина од април 2022 година.
Од Министерството за финансии соопштија дека министерот Бесими на средбата се заблагодарил за досегашната соработка и на поддршката добиена и од Јановски и на Програмата на нашата земја и му посака успех во понатамошната кариера. Министерот оценил дека поддршката е значајна за државава и оти очекува таа да продолжи и во иднина.
Соработката меѓу двете земји е дефинирана преку Стратегија за развој и соработка за период 2020-2025 година, со која е предвидена поддршка од 56,6 милиони американски долари, со кои УСАИД ја помага нашата земја да има водечка улога во остварувањето на нејзиниот развој, како најнов сојузник и 30-та земја членка на НАТО, како и при започнување на преговорите за пристапување во ЕУ. Во рамки на Стратегијата минатата година беа потпишани договори за грант со кои беа доделени средства во износ од 11,8 милиони американски долари, кои се наменети за зајакнување на економската конкурентност и борба против корупцијата, од вкупно планираните 56,6 милиони американски долари.
-Министерството за финансии и УСАИД заедно работат и на зајакнување на капацитетите на општините и на унапредување на фискалната децентрализација. Во оваа насока се предвидени активности преку петгодишниот проект „Зајакнување на активноста за мобилизција на ресурсите“ со вкупен фонд од 6,5 милиони долари. Исто така, најавено е учество на министерот Бесими на конференција организирана од проектот на УСАИД на тема „Нови партнери и подобро општинско буџетирање“ што ќе се одржи на 6-ти овој месец, информираат од МФ.
УСАИД досега во земјава има инвестирано над 833 милиони американски долари за развојни цели.