Рамазан, периодот во којшто муслиманските верници постат од изгрејсонце до зајдисонце, започна на 2 април. Што значи ова за луѓето кои имаат дијабетес и коишто треба да го задржат шеќерот во крвта под контрола?

Дијабетесот е доживотна здравствена состојба која предизвикува високи нивоа шеќер во крвта. Постојат два главни вида дијабетес – тип 1 и тип 2. Кај дијабетес тип 1, имунолошкиот систем на телото ги напаѓа клетките што произведуваат инсулин, а кај дијабетесот тип 2, телото самостојно не произведува доволно инсулин, што предизвикува клетките да не реагираат правилно на инсулинот.

– Постот за време на Рамазан не се препорачува за луѓе со дијабетес тип 1. Ова важи и за оние со оштетување на бубрезите или земаат апчиња поради болеста, вели стручњакот Несрин Јавуз.

Муслиманите со хронични болести како што е дијабетесот се ослободени од обврската за рамазанскиот пост, иако многумина, сепак, сакаат да учествуваат во постот.

Оние со дијабетес тип 2 може да постат, но треба да бидат особено внимателни во конкретни случаи.

– Дури и за луѓето кои не си инјектираат инсулин, важно е да имаат добри долгорочни нивоа на гликоза во крвта. Оние кои земаат инсулин мора да бидат особено внимателни, бидејќи во спротивно може да западнат во тешка хипогликемија, вели Јавуз.

На сите дијабетичари им се советува да разговараат со својот лекар пред да почнат да постат, да си ја проценат општата здравствена состојба, постојната терапија, опасностите од постот и со тоа да си помогнат во креирањето на планот за исхрана. Задолжително е и редовно мерење на нивото шеќер во крвта.

Се препорачува овој преглед да се направи еден до два месеци пред Рамазан. И постарите лица и трудниците со дијабетес, исто така, се изложени на ризик.

– Ако пациентот со дијабетес е изложен на опасност од хипогликемија за време на целодневен пост, треба веднаш да престане да пости и да го врати шеќерот во крвта под контрола со земање, на пример, малку гликоза, истакнува Јавуз.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2022 12:57