Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе учествува на Економскиот форум Делфи во Грција, каде ќе говори на панелот насловен „Како кризата во Украина влијае на економиите во регионот“.
Од Министерството за економија најавија дека министерот Бектеши во рамки на Форумот ќе присуствува на работна вечера насловена „Војната во Украина: Последиците на Балканот“ на која говорници ќе бидат американскиот заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Габриел Ескобар, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан Мирослав Лајчак.
Седмиот економски форум Делфи кој се организира под насловот „Нови реалности“, ќе биде домаќин на истакнати личности од областа на политиката, вклучувајќи европски претседатели, премиери, еврокомесари и министри, како и научници, универзитетски професори, претприемачи.
На форумот ќе учествуваат 760 говорници од 36 земји, а ќе бидат опфатени низа теми, како што се светската безбедност, глобалната економија, климатските промени, иднината на ЕУ, технологијата, здравството, општеството, културата итн.