Во Дом на Армијата во Скопје вечерва почнува 18-то издание на „Танц Фест Скопје 2022” чија програма ќе содржи младост, новитети, авангардност, историско наследство и посветеност на танцовата уметност и на кој можност да презентираат свои дела ќе имаат млади кореографи во серијата претстави насловена како Современи кореографски идентитети.

Во рамки на програмата на Фестивалот публиката ќе има можност да ги види претставите „Општествена критика“ на Бобан Русески, „Самовили и Демони“ на Русески и Јована Зајкова, „Go Figure It Out“ на Адријана Данчевска, „09190“ на Дејан Битровски, а свое кореографско деби на ќе има и Филип Петковски со претставата „Популус“.

На програмата на „Танц Фест Скопје 2022” ќе се најдат и претставите на гостите кореографи: „Пат до месецот“ на Раде Обрадовиќ од Србија, „Само среќа“ на Томео Вержес од Франција, како и „Интер-Вју“ на Жиган Крајнчик, ко-продукција на Словенија и Летонија. Ќе биде претставен и Косовскиот балет со претставата „Егзодус“ на кореографот Ено Печи, како и продукцијата на Скопје танцовиот театар „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин, која ќе биде изведе првпат по настапот на сцената на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз.

Во рамки на фестивалот ќе бидат промовирани и младите уметници, новите современи танчари Сара Димовска, Јоана Благадуша, Андреј Димоски, Клара Цветковска, Емилија Милак, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, кои се школуваат на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, а кои од годинава влегуваат во состав на Скопје танцовиот театар 2.

Скопската публика ќе има една ексклузивна и ретка можност да ја види претставата на легендарната Марта Греам танцовата компанија од Њујорк. Греам важи за икона на танцот на 20. век и ова е исклучителна можност публиката да ја види во рамките на „Танц Фест Скопје 2022“. На програмата ќе бидат дела на Греам од 1937, 1947, 1952 и 1981 година, кои се дел од американското културно наследство. Публиката ќе има можност да види микс на кореографски одблесоци на Греам и актуелната уметничка директорка на компанијата Џенет Ајлбер, кои го одбележуваат создавањето на современиот танц и неговото опстојување, како уметност на 20 и 21 век, која секаде во светот исклучително се цени и почитува.

Во рамки на Отворената програма на Фестивалот ќе се одвиваат повеќе активности, меѓу кои и работилницата под наслов „Панорама“ во која млади танчари од земјава и од Бугарија ќе ја изучуваат Греам техниката, што е исклучителна реткост, а потоа ќе настапат на 20 април на сцената на Македонскиот народен театар со делови од оригинална кореографија на Греам.

„Танц Фест Скопје 2022“ годинава се одржува со поддршка на Министерството за култура, Градот Скопје, Американската амбасада во Скопје, Францускиот институт во Париз и Скопје, покровителите „Виталија“ и „Бовин“, Домот на Армијата, Универзитетот „Гоце Делчев“, НОБ, Perform Europe, East is Best и Културанова.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2022 08:49