Во рамки на „45-ти Денови на македонска музика“ денеска со почеток од 20 часот во Музејот на македонската борба ќе се одржи Концерт на Ансамблот „Меитар“од Израел.

На концертот ќе настапат виолинистката Талија Херцлих, виолончелистот Јони Готлибович и пијанистот Амит Долберт. Влезот на концертот е слободен.

Ансамблот „Меитар“, кој своето прво гостување во нашата земја го имаше токму на „Деновите на македонска музика“ во 2018 година, на сегашното гостување ќе престави дел од актуелното македонско и израелско творештво, изведувајќи дела од македонските композитори Сотир Голбовски, Мирослав Спасов и Михаило Трандафиловски и израелските автори Арик Шапира, Ели Корман, Јаир Клартаг.

Сојузот на композиторите на Македонија посочува дека ансамблот „Меитар“ од страна на „Њујорк Тајмс“ е признаен за својата „извонредност, грациозност и прецизност“ во музицирањето. Основан во 2004 година во Тел Авив од страна на уметничкиот директор и пијанист Амит Долберг, „Меитар“ се етаблира како еден од водечките ансамбли специјализирани за изведба на нова музика во Израел, чии членови се истакнати виртуози и музички професионалци.

Ансамблот постојано гостува ширум светот каде настапува во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали, како Центарот „Помпиду“ во Париз, „Собата на Персел“ во Лондон, Московскиот конзерваториум, Универзитет „Јеил“, Биеналето за современа музика во Венеција, Фестивалот „Фруелинг“ во Хајделберг, 92Y во Њујорк, Фестивалот „Звучни бранови“ во Санкт Петербург и многу други. Членовите на ансамблот имаат настапувано на фестивалот МАТА во Њујорк, на Универзитетот „Дармут“, во рамките на фестивалот „Цајткунст“ во Берлин и на Израелскиот конзерваториум за музика во Тел Авив.

Во изминатите петнаесетина години, ансамблот има премиерно изведено преку 300 нови дела, а редовно соработува со композитори како Фабијан Панисело, Марк Андре, Валтер Зимерман, Филип Леру, Матијас Пинчер, Даниел Питер Биро, Иван Феделе, Чаја Черновин, Владимир Тарнополски, Гија Канчели, со издавачките куќи ВЕРСО од Шпанија, Албени од САД, музичкото издаваштво при Израелскиот институт за музика и други. Се стекнал и со бројни признанија за особен придонес во развојот на израелската музика и култура, меѓу кои наградите „Бинијами“ (2006), „Партош“ (2008) и „Ландау“ (2010).

„Меитар“ е иницијатор на уникатна образовна програма за млади, наречена Проектот „Тедарим“, што им овозможува на музичари од различни полиња на делување (изведба, диригирање и композиција) можност да се едуцираат и да истражуваат нови хоризонти на современа музика и на специјалната програма за современа музика за деца насловена „Што е бука?“, која доживува огромен успех во Израел.

Освен тоа, ансамблот е основач и на Фестивалот за нова музика CEME, како и мастер класови за млади професионални музичари, каде досега настапиле Иван Феделе, Фабијан Панизело, Пјер Андре Валаде, членовите на Ансамблот „Модерн“ и други истакнати уметници.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2022 09:06