Првата самостојна изложба на фотографот Дени Синадиновски насловена „Низ објективот на Дени“, е поставена во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Изложбата претставува симбиоза на два уметнички сегменти, чија приказна започнува во 2012 година. Кумановци ќе имаат можност да разгледаат дваесетина фотографии изработени од етнокореологот Синадиновски.

– Со првата турнеја во 2013-та година, првата турнеја на ансамблот „Македонија“, кој е репрезент на македонската традиционална култура, беше во Јапонија и оттогаш почнува и моето фотографирање. На изложбата поставени се фотографии коишто се расподелени во категории. Првата се фотографии каде што настапува ансамблот на концертни настани, поголеми концерти, мини концерти и мали настани. Втората категорија се поставени сесии посветени на Македонци муслимани и фотосесија посветена на Ѓорче Петров. Третата категорија е од снимањата документарни филмови за лазарици, за водичарки, снимање за документарниот филм за Овче поле, односно Свети Николе и еден од поголемите проекти на ансамблот Македонија поврзан со Бигорскиот манастир за снимањето на спотот „Небо и земја“. Покрај оваа изложба, втората изложба којашто не е моја лична, туку е на ансамблот „Македонија“ коишто јас ги фотографирав фотографиите е насловена како „Скопје со културните добра“, изјави Синадиновски.

Роберт Цветковски, историчар на уметност оценува дека Синадиновски како познавач на традицијата и сценските адаптации, успева да ги фотографира клучните сегменти и детали.

– Имавме навистина голем интерес од публиката во Куманово. Ги повикуваме сите од Куманово, целата публика да дојде и да ја видат оваа интересна изложба во Центарот за култура. Тоа се фотографии од традиционални народни носии така што очекуваме дека ќе има интерес од публиката, изјави директорот на НУЦК, Сашо Тодоровски.

Изложбата ќе биде поставена до 20 април, а следната изложба што ќе биде поставена во Центарот за култура на 21 април е за традиционален златен накит.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2022 11:31