Тетовската публика вчера имаше прилика да ја проследи комедија „Апо и ја“ од актерите при здружение на независни уметници Драмско студио Тетово. Вчера имаше претпремиера, а вечерва од 20 часот е главната премиера во салата на управната зграда на Музеј на тетовски крај, поранешен Дом на АРМ.

-Прво сум многу среќен што дојдоа многу луѓе и на тој начин „оживе“ овој простор како некогаш кога нашите родителите доаѓале тука. Со „Апо и ја“ премиерно ја отворивме театарската година во Музејот на тетовски крај. Претставата беше подготвувана 2,5 месеци, морам да ги пофалам сите петмина кои направија една феноменална претстава, изјави Игор Бачовски, режисер на претставата.

„Апо и ја“ е текст на Глигорије Стојановски и Лазар Саровски, кои исто така беа дел од актерската екипа.

-Тоа е обична претстава за двајца браќа од рурална средина каде што секоја нивна дешавка е раскажана по 100 пати како рибари. На симпатичен и хумористичен начин се обидовме да направиме нешто интересно да го прифати публиката, изјави Лазар Саровски.

Глигорије Стојановски рече дека играле со посебен ентузијазам затоа што одамна не играле, и им фалел театар и ним и на публиката.

-Мислам дека дадовме максимум, со оглед дека публиката се смееше. Ние сме презадоволни. Инспирацијата е од еден поодминат живот во Тетово и Тетовско, со сарказам на дамнешни обичаи кои сега не постојат, со примеси на опфаќање на сегашноста и иднината, изјави Стојановски.

Во останатите улоги настапија Наташа Петровска и Мирко Видоевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2022 19:55