Во овој период на криза, недостигаат ѓубрива, семенски материјал, горива, пестициди и други суровини чија цена континуирано се зголемува. Производите поскапуваат, зашто се купува храна од паника. Ваквата реалност ја наметнува потребата од донесување итни, ургентни мерки со цел ублажување и надминување на последиците, порачаа учесниците на 10. сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој.
Според нив, КОВИД-пандемијата претходно, а сега и кризата што ја наметна руско-украинскиот конфликт кризата, покажаа дека системот за производство на храна мора да се трансформира во одржлив, но треба да се сменат и навиките на купување – храната да не се фрла и правилно да се складира.
-Добро е да видиме кои биле проблемите и пред кризата. КОВИД-от ја покажа ранливоста и на нашите системи за храна, покажа дека може многу лесно да се нарушат. Во пандемијата, синџирот имаше проблем со работници, карантини на вработени, промени во побарувањата, навиките, транспортот, логистиката. Производителите мораа да ги прилагодат своите пракси кон санитарните и мерките за хигиена. Но, по завршувањето на пандемијата, сега се соочуваме со поголем предизвик – војната во Украина. Имаме големи скратувања, цените се качуваат зашто се купува храна од паника, рече чефот за соработка на Делегацијата на ЕУ во земјава, Штефен Худолин.
Тој посебно укажа на фрлањето храна во светски рамки, а на земјава и порача да се прилагоди на скратените набавки што ги наметна кризата, како и да направи подобри системи – профитабилни за земјоделците и корисни за граѓаните.
Ссловачкиот амбасадор Хенрик Маркуш, пак, се осврна на т.н. економска дипломатија. Тој ја пофали земјава дека одлично го сфатила значењето на овој концепт.
-Концептот на економска дипломатија, воведен во последната декада,Македонија многу добро го разбра и почна многу иницијативи и проекти во овој правец. Во време на криза оваа дисциплина добива ново ниво на значење. Економската дипломатија мора да го пренасочи фокусот и да му помогне на земјоделскиот сектор да ја преживее кризата, земјоделците да продолжат со своите мисии и да обезбедуваат основни производи за живот, рече амбасадорот.
Пред присутните претходно се обрати и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, порачувајќи уште еднаш дека Владата презема интервентни мерки и дека се прават максимални напори за ублажување на ситуацијата со кризата.
-Ниту една обработлива површина нема да остане незасеана, а храна и житни култури мора да има, подвлече Николовски.
Според експерите, во моментов нема простор за посериозна интервенција. Треба да се нормализира увозот на пченица и масло од Србија.
-Руско-украинскиот конфликт нема да има некоја посериозна улога, но ќе влијание индиректно, врз порастот на цените на земјоделско-прехранбените производи. Во овој момент, нема простор за посериозна интервенција, освен да се нормализира увозот од Србија, како што е најавено, пред се на пченицата и на сончогледовото масло за јадење. За на среден и подолг рок ќе треба да се направат сериозни анализи и стратегија за храна, како и програма за функционирање на целиот систем во услови на криза, велат експертите, изјави професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски.
Тој смета дека државата ќе треба посериозно да интервенира за да се замени сегашниот увоз кој е сериозен, со домашно производство.
Осврнувајќи се на моделите во светските истражувачки центри, Димитриевски посочи дека критична ќе биде 2022 година во однос на порастот на цените, а потоа се очекува да се намали ценовниот удар.
-Тешко дека маслото за јадење ќе се врати на нивото пред кризата. Веројатно ќе биде на половина – меѓу она што беше претходно и она што е сега, рече Димитриевски.
Домаќин на сесијата на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој е Националната конвенција за Европската Унија во Македонија (НКЕУ-МК).