За потребата од регионална енергетска политика и стратегија, како и за важноста на интерконекторот Македонија – Грција, говори министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во интервјуто за грчкиот весник „Та неа“, направено минатата седмица за време на учеството на министерот на седмиот Делфи економски форум во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Нуредини ја истакнува потребата за енергетска независност на Европа од Русија, посочувајќи дека „војната во Украина нѐ научи дека не можеме да се потпреме на еден извор на енергија“, но и потенцира дека е потребна регионална енергетска стратегија.
-Сите ние сме меѓусебно поврзани, нашите економии се меѓусебно поврзани и треба да имаме регионална енергетска стратегија не само во однос на климата, туку и за енергетската безбедност, вели министерот Нуредини.
Во интервјуто потенцира дека е „особено важна“ инвестицијата на Грција и Македонија во интерконекторот за природен гас, што во иднина ќе може да се користи за транспорт и на водород, а конкретниот проект е поврзан со терминалот за течен природен гас (LNG) во Александруполи.
Дополнително истакнува дека високо на агендата на Владата се и обновливите извори на енергија, споменувајќи ја европската цел за енергетска неутралност до 2050 година и нагласувајќи ја потребата „за инвестиции насочени кон диверзификација на нашите извори во чисти извори на енергија.
За важноста на соработката со Грција вели дека е императив и двете земји може и треба да работат заедно, бидејќи Грција е многу важен партнер кога се работи за енергетска безбедност.
Во однос на европската перспектива на Македонија, министерот вели дека ќе донесе драстични примени, изразува задоволство што Грција е „една од најголемите наши поддржувачи во Брисел“ и додава дека напредокот во пристапните процеси на Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија во ЕУ ќе придонесе и за зајакнување на стабилноста во регионот, како светло на последните случувања.