Во Министерството за труд и социјална политика денеска се одржа состанок со работната група во чиј состав се претставници на граѓански организации, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за здравство, УЈП, ПИОМ, Агенција за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој и Националната федерација на фармери, поддржана од Шведската организација за развој Wе Effect.
Формирањето на оваа работна група, појаснуваат од Министерството, има за цел изнаоѓање правен механизам за остварување платено родителско отсуство и боледување на регистрираните земјоделки и земјоделци, на иницијатива на Националната федерација на фармери.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска го поздрави формирањето на работната група која ќе работи на изнаоѓање на најсоодветно решение за ова важно прашање, кое ќе се заснова на принципите на владеење на правото, недискриминација и остварување на концептот на социјална држава.
-Верувам дека ќе пронајдеме соодветен правен механизам за остварување на правото за користење на платено родителско отсуство и боледување за регистрираните земјоделки и земјоделци, како и заштита од негова злоупотреба, а во насока на поголема мотивираност на руралните жени да ја регистрираат својата дејност, рече министерката Тренчевска.
Таа ја истакна својата поддршка на работната група и изрази уверување за успешно решавање на ова прашање, со што ќе бидат потврдени заедничките заложби за унапредување на положбата на руралната жена во општеството.
Министерството за труд и социјална политика со прифаќање на амандман оваа иницијатива ја инкорпорира во стратешките цели на Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 која е во собраниска процедура и истата ќе биде дел од Акцискиот план за родова еднаквост 2022-2024.