Во организација на Министерството за надворешни работи и Бирото за регионален развој денеска ќе се реализира Економско-дипломатски карван во Југозападниот плански регион (ЈЗПР). Караванот, прв од ваков тип, има цел да ги презентира и промовира економските потенцијали на домашните фирми и да ги запознае претставниците на дипломатскиот кор во државава со инвестициските можности во ЈЗПР.

Агендата на Економско-дипломатскиот карван предвидува активности во трите најголеми економски центри во ЈЗПР – општините Кичево, Охрид и Струга, каде се наоѓа и седиштето на Центарот за развој на регионот.

Централниот настан на Карванот ќе се одржи во хотел „Изгрев“ во Струга, во чии рамки ќе биде потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и Бирото за регионален развој и ќе се одржат презентации на домашни компании кои се извозно ориентирани.

По потпишувањето на Меморандумот предвидени се изјави на заменик министерката за надворешни работи Фатмире Исаки, директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи и градоначалникот на Општина Струга и претседател на Советот за развој на ЈЗПР, Рамиз Мерко.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/04/2022 09:20