Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) jа доби водечката улога во пилотирање на мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан, во рамки на новиот европски проект „Policy Answers“, финансиран од програмата Хоризонт Европа на Европската Комисија со буџет од пет милиони евра.
Проектот, како што посочуваат од ФИТР, има цел да ги продолжи и зголеми заедничките напори на Европската Унија и Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија – за да поттикне соработка во полето на иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт. Целта е на крајот да се поттикне стабилноста и просперитетот додека се зајакнува европската перспектива на регионот.
Директорот на Фондот Фестим Халили, во Виена пред присутните претставници од ЕУ и регионот истакнал дека улогата на ФИТР во овој проект уште еднаш ја потврдува определеноста на Република Северна Македонија за наша интеграција во европскиот заеднички пазар.
– „Policy Answers“ е предводен од Центарот за социјални иновации (ZSI) во Виена и вклучува 14 партнер институции од Европската Унија и од Западен Балкан. Предвидени се активности како состаноци на високо политичко ниво, анализи и препораки за градење на политики и јакнење на капацитетите на локалните актери со цел поефикасна интеграција на Западен Балкан во Европската истражувачка област и иновациски екосистем, се вели во соопштението од ФИТР.