Фатоу, горилата за којашто се верува дека е најстарата во светот, го прослави својот 65. роденден во Зоолошката градина во Берлин минатата недела.

– Нашата дама горила го прослави својот 65. роденден, со што стана најстарата горила на светот. Традиционалната роденденска торта не ја пропушти ни оваа година. Роденденскиот оброк е секогаш нешто посебно за Фатоу, објави Зоолошката на Инстаграм.

Oбјавата со слики, но и видеата што кружат ширум интернет-просторот го прикажуваат огромниот примат како ужива во оризова торта украсена со бобинки и овошје во облик на бројот „65“.

Фатоу пристигнала во Берлин, Германија, во 1959 година кога морнар го искористил младенчето за да си ја плати сметката во таверна во Марсеј, Франција. По тоа, таа била возена низ Европа пред конечно да биде купена од Зоолошката градина во германскиот главен град. Се проценува дека таа имала само две години кога пристигнала тука.

Во 2019 година, Фатоу беше прогласена за „најстарата жива горила во кафез“, во Гинисовата книга на рекорди откако угина Труди, горила родена 1956 година. Горилите обично живеат до 50 години „зад решетките“, според „Гинис“.

Фатоу е едно од ретките животни во берлинската Зоолошка градина родени во дивината, се наведува во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2022 12:22