Унапредување на соработката во делот на здравствената заштита и благосостојбата на животните, интензивирање на активностите во рамки на регионалната иницијатива за превенција, контрола и сузбивање на болестите кај животните, како и размена на искуства, беа дел од темите на кои денеска разговараа директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски и директорот на Канцеларијата за ветеринарство при Министерството за надворешна трговија и економски односи на БиХ, Саша Бошковиќ.
Работниот состанок на Бабовски и Бошковиќ се одржа во пресрет на вториот Форум на директори на ветеринарните служби од земјите од Западен Балкан зa комуникација и соработка што утре и задутре ќе се одржи во Охрид, а домаќин е АХВ.
-Договоривме и досегашната плодна соработка да ја официјализираме со потпишување меморандум за соработка меѓу двете институции. Очекуваме дека тоа ќе биде основа не само за интензивирање на меѓуинституционалната соработка, туку и за зголемување на трговската размена меѓу двете земји, истакна Бабовски.
Тој го запозна директорот на босанската Канцеларија за ветеринарство со тековните активности кои ги спроведува АХВ на полето на здравствената заштита и благосостојбата на животните, вклучително и за активностите за сузбивање и контрола на африканската свинска чума и птичјиот грип кои неодамна се појавија во земјава. Од состанокот произлезе заедничка оценка дека унапредувањето на соработката во областа на ветеринарството, размената на идеи и информации и во рамки на регионалната иницијатива за соработка ќе придонесат и за унапредување и интензивирање на соработката и трговијата меѓу двете држави.
Во рамки на билатералната посета на Агенцијата за храна и ветеринарство, директорот на Канцеларија за ветеринарство на Босна и Херцеговина Саша Бошковиќ, посети неколку стопански објекти, меѓу кои и најголемиот извозник на месни преработки во Босна и Херцеговина, компанијата „Пекабеско“.