„Јакнење во време на криза: улогата на политиките“ е темата на 8.меѓународна истражувачка конференција што ќе се одржи денеска и утре во Скопје во организација на Народната банка во соработка со Европската инвестициска банка (ЕИБ), како дел од одбележувањето 30 години монетарна самостојност во државава.
На конференција се предвидени над 40 учесници – гувернери и членови на бордови на централни банки, високи претставници од меѓународни финансиски институции и претставници на академската заедница од странство и од кај нас. Меѓу нив и потпретседателката на Европската инвестициска банка, Љиљана Павлова, потпретседателот на Европската банка за обнова и развој, Марк Боуман, гувернерите на централните банки на Белгија, Хрватска, Молдавија и Албанија, како и министерот за финансии Фатмир Бесими.
На настанот ќе се разговара за клучните предизвици за економиите во регионот – вклучително за климатската транзиција, економската отпорност, финансиската вклученост, иновациите и пост-пандемиската нова нормала – со особен осврт на приспособувањата на политиките по пандемијата, како и влијанијата од зголемената несигурност што произлегува од ескалацијата на геополитичките ризици во Источна Европа. Подобрувањето на пристапот до финансии за малите и средните претпријатија е уште една од темите коишто ќе бидат предмет на дискусија.
За време на настанот ќе биде објавена и Годишната награда на НБРСМ за најдобар истражувачки труд во областа на макроекономијата и банкарскиот систем.