Итно почнување на процесот за членство на нашата земја во ЕУ, зголемување на регионалната соработка, реализација на клучните инфраструктурни проекти како што се Коридорот 8, транзицијата кон зелена економија, како и обезбедување политичката стабилност како еден од клучните фактори за привлекување инвестиции, беа едни од суштинските пораки на заменик-министерот за финансии, Филип Николоски на Економскиот форум што се одржува во Тирана (Tirana economic forum).

На форумот од страна на говорниците на пaнeл-дискусиите беше истакнато дека прогресот на РС Македонија и Албанија е јасен и затоа мора што побргу да отпочнат пристапните преговори на двете земји за членство во ЕУ. Воедно беше потенцирано дека историјата пред и по 24 февруари е значително сменета и доколку изостане одлуката за старт на преговори, ЕУ ќе го отвори патот до дестабилизација, затоа проширувањето на ЕУ е нужно. Во услови на енергетска криза, исто така, важно е да се развијат партнерства во регионални рамки.

-Нашиот прв приоритет е обезбедувањето ценовна стабилност како клучен фактор во обезбедување макроекономска и финансиска стабилност. За таа цел Владата на РС Македонија донесе сет од 26 мерки во вкупна вредност од 400 милиони евра со цел заштита на животниот стандард на населението и ликвидноста на компаниите, како и за финансиска поддршка на компаниите. На среден и долг рок наш приоритет е остварување стапки на раст од 5 проценти годишно, како и фискална консолидација во насока на намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, потенцира Николоски.

Притоа од голема важност е одржување политичка стабилност.

-Честите избори се лоша порака за инвеститорите. Потребен е континуитет во спроведување на политиките и проектите коишто се клучни за развојот на нашата држава, напомена заменик-министерот за финансии Николоски.

Еден од клучните проекти што ќе почне да се реализира годинава е Коридорот 8 со чијашто изградба, како што истакна Николоски, ќе се заокружи изградбата на паневропскиот коридор и ќе се овозможи подобра поврзаност на РС Македонија, Албанија и Бугарија со останатите држави.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2022 14:18