Многумина знаат за 13 и 666 како броеви коишто се лош знак или предвесник, според познатото предание и суеверните убедувања. Но, во некои делови на светот, има и „пострашни“ броеви од нив. А од друга страна пак, има и општоприфатени среќни бројки.

Патем, од каде потекнува „светскиот страв“ од „петок, 13-ти“? Историјата и митологијата велат дека тоа е изворно скандинавски мит, за 12-те богови кои вечерале без Локи, богот измамник меѓу нив. Тој пристигнал последен, како 13-ти, но непосакуван гостин на гозбата и го натерал Ходр – слепиот бог на храброста и на војната, да го застрела неранливиот Балдр – бог на смелоста и стаменоста, со смртоносното за него оружје, стрела од имела. Преданието вели дека тој починал во петок, на 13-ти и, „земјата ја покрила темнина“.

Ширум светот има и бројни други слични преданија, коишто можеби и не се толку познати…

Во Шпанија, на пример вторник, 13-ти е многу поозлогласен од петок, 13-ти. На тие денови, суеверните луѓе се плашат дури и да излезат да го фрлат отпадот. Целата приказна, се вели, произлегува од Марс, римскиот бог на војната. Неговото име на шпански јазик значи – вторник. Легендите говорат и дека Константинопол првпат паднал под нападите на турко-монголската Златна Орда во вторник, на 13 април 1204 година. Уште повеќе, се вели и дека познатата библиска приказна каде Бог внел забуна кај градителите на Вавилонската кула, е поврзана со вторник, 13-ти.

Во многу светски култури, бројката 7 значи „совршенство“, но во Кина луѓето веруваат дека токму бројот осум носи среќа. Така, на пр., таму и луѓето што купуваат стан, настојуваат или претпочитаат тоа да биде на осми кат и, по можност, на влезната врата да има бројка осум.

Но, од друга страна, во Кина и други азиски земји, бројот четири, како што се верува – носи несреќа, оти на кинески јазик, „четири“ звучи слично како зборот за „смрт“.

Бројот 666 е ознаката на sверот, на Сатаната со седум глави со по 10 рога, како што е опишано во книгата „Откровение на Јован: Апокалипса“. Според христијаните, тоа е и бројот на Антихристот.

Во САД, пак, има суеверие за бројот 23. Се вели дека римскиот император Гај Јулиј Цезар бил прободен 23 пати со нож. Согледувајќи ја, пак, годината на раѓање (1967) и на смртта (1994) на славниот рок-пејач Курт Кобејн, и во двата случаја, збирот на цифрите е 23 (1+9+6+7=23, 1+9+9+4=23). Натаму, нападот на кулите-близначки во Њујорк, се случи на 11.09.2001 година – 9+11+2+0+0+1=23…

Има стотици други примери коишто посветените следбеници на овој „култ“ грижливо ги документирале. Предминатото десетлетие, Холивуд го сними и филмот „Бројот 23“ – хорор-крими-мистерија со Џим Кери во главната улога.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2022 10:07