Агенцијата за вработување-АВРМ во Битола пред бизнисмени од овој град го прзентира проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, финансиски поддржан од Европската унија чија главна цел е да се намали долгорочната невработеност и зависноста од гарантираниот минимален приход.

Според Наташа Здравковска, координатор на проектот, ранливите групи на пазарот на труд се вклучуваат во специјализирани програми и услуги за развој на вештини и со оваа реформа, најзагрозените категории од сиромаштија, тие што не се активни подолго време и се под социјална заштита, ќе се вклучат на пазарот на труд.

-Граѓаните ќе добијат услуги за советување и мотивација (СИМ програма) преку психосоцијална и менторска поддршка како прва компонента на проектот, а потоа ќе следува вклучување на пазарот на труд преку обуки и вработување низ четири активни мерки, како што се обуки за побарувани занимања, обука кај познат работодавач, практикантство и субвенционирано вработување, истакнаа организаторите на промотивниот настан во Битола.

Во реализација на проектот учествуваат Центрите за вработување и Центрите за социјална работа. Во проектот се вклучени повеќе од 1.500 лица корисници на гарантирана минимална помош, од кои досега најмалку 5 проценти веќе се вработени.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2022 13:51