Компанијата „Брако“ од Велес денеска ја претстави новата еколошка производствена линија за поцинкувана жица со која ќе го зголеми производството, а менаџментот на компанијата најави и изградба на комплетно нова хала за склопување на новите возила од програмата на грин машини.

Машините за новата производствена линија се донесени од Шпанија, а според претседателот на Управниот одбор на „Брако“, Кочо Анѓушев, се работи за комплетно нова еколошка линија.

– Воедно, го дуплиравме капацитетот од 400 тона на скоро 700 тона месечно, а сега имаме можност да додадеме уште шест нови линии и производството да биде 1.500 тона месечно, со што во однос на првичното, за четири пати ќе го зголемиме производството на поцинкувана жица, рече Анѓушев.

Посочи дека и старата Цинкара односно стариот погон е комплетно реконструиран и дека таму се инсталирани нови машини за производство на федери за душеци. Енергетската криза, како што соопшти Анѓушев, се обиделе да ја ублажат со инсталирање на фотоволтаици на халите на „Брако“.

Новата хала, што ја најави Анѓушев, ќе биде до постојната и со неа се очекува да се зголеми капацитетот за производство на возила од линијата грин.

– Халата ќе биде до постојната и ќе го зголеми капацитетот за уште двапати на возила, а таму ќе се призведуваат и новите модели возила што се развија од нула односно од цртеж до готов производ, рече Анѓушев.

Велешки „Брако“ на почетокот на ковид пандемијата имаше производствен циклус од 10 милиони евра само во оваа фирма, а 21 милион евра во сите придружни фирми на компанијата.

-Горди сме што 70 проценти од тие 10 милиони евра се вложени во машини, а 30 проценти во хали. Се купуваше интензивно нова технологија, најсовремена во светот, за да се постигне поголема продуктивност, рече Анѓушев.

За премиерот Димитар Ковачевски, кој беше во посета на оваа компанија, ваквите инвестиции се значајни, а нивната вредност е уште поголема бидејќи се реализирани во време на најголемата економско-енергетска криза.

-Новите инвестиции значат и раст на бројот на работни места, како и натамошно осовременување на производствените капацитети. Над илјада вработени во „Брако“ 150 се инженери, а остантите се од најразновиден образовен процес со што просечната нето месечна плата изнесува над 30 илјади денари што е над државниот просек. Влогот во човечки капитал во работниците е силно поддржан од Владата и затоа уште од стартот реализиравме раст на минималната плата од 18 илјади денари, рече Ковачевски, додавајќи дека заложбите на Владата се насочени кон создавање на услови за развој на приватниот сектор.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2022 15:24