Привршува подготовката на законите за заштита на потрошувачите и за јавно-приватно партнерство, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што истакна Бектеши во обраќањето на настанот по повод Светскиот ден на метрологијата – 20 Мај, во двата закона ќе бидат содржани одредбите од европската легислатива и современите, модерни пракси на земјите-членки на ЕУ.

-Поддршката за развој на квалитет и натаму ќе остане приоритет. Со максимална и целосна поддршка на ЕУ, при крај сме со подготовката на новиот закон за заштита на потрошувачите кој целосно ќе ги примени одредбите и начините од земјите-членки на ЕУ. Многу скоро со амбасадаорт Гир ќе ги презентираме измените со цел нашите граѓани да бидат што позаштитени, почнувајќи од квалитетот на производите. При крај сме и со законот за јавно-приватно партнерство, рече Бектеши.

На настанот се обрати и евроамбасадорот Дејвид Гир, напоменувајќи дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува сегментот на метрологијата во земјава. Ќе се јакнат капацитетите на персоналот во Институтот, рече Гир, за максимално да се искористи лани обезбедената опрема.

– Метрологијата е многу важна и би било многу тешко да се замисли модерниот свет на трговијата и на индустријата без ваков Институт, нагласи Гир.

Светскиот ден на метрологијата го слави потпишувањето на Метарската конвенција во која членува и Република Македонија преку Бирото за метрологија. Конвенцијата ја постави рамката за глобална соработка помеѓу науката за мерење и нејзините индустриски, комерцијални и општествени апликации.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/05/2022 14:36