Директорката на норвешкото Министерство за надворешни работи задолжена за Југоисточна Европа, Кристин Мелсом на работниот состанок со вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи упатила отворена покана за бизнис средба со потенцијални инвеститори и партнери во Норвешка со цел продлабочување на соработката и развој на Македонија.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, биле присутни и Томас Холм Кнудсен, директор на инвестицискиот фонд на Норвешка, како и Бесим Зекири претседател на управниот одбор на норвешката компанија „Нормак“, Аки Етеми, претседател на управниот одбор на „Нормак инвестмент груп“ и директорот на ТИРЗ-Тетово, Александар Зарков.

-ТИРЗ-Тетово е првата индустриска зона со јавно приватно партнерство која успешно работи во земјава и на состанокот беше искажано задоволство за успешната соработка во овие години, се наведува во соопштението.

Вицепремиерот Битиќи истакнал дека партнерскиот однос ќе продолжи и во иднина, заедно надминувајќи ги сите предизвици кои можеби доаѓаат посочувајќи ја отвореноста за сите заинтересирани инвеститори кои сакаат да инвестираат во земјава.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2022 13:02