Македонија веќе користи инструменти на земјишно банкарство и ја подобрува мобилноста преку пилотирање на инклузивно и ефикасно искористување на земјиштето во државна сопственост за други јавни цели без да купува површини на пазарот на земјиште, рече денеска експертот на ФАО за земјишна политика Мортен Хартвигсен.

-Државата нема банка на земјиште како институција, туку со државното земјиште кое го има на располагање врши операции кои се вбројуваат во дијапазонот на земјишно банкарство, објасни ФАО експертот, одговорајќи на прашања по почетокот на Меѓународната работилница ЛЕНДНЕТ.

Хартвигсен порача да не се стопираат процесите со доаѓањето на нови влади, нови министри и нови раководни структури. Да се обезбеди континуитет не само до следните избори, туку и понатаму. Не смее секогаш, рече, да се почнува одново и од почеток.

Хартвигсен не може да замисли, како што истакна, дека постои владина структура која не би согледала, на пример, проблем во расцепканоста на земјиштето.

-Ако се работи за земјоделско стопанство кое има два хектара со четири – пет парцели, која влада ова нема да го види како проблем? Но, ваквиот проблем не може да се реши со еден проект. Мора да се подигне свеста и да се оди подалеку од теснополитичките цели, напомена експертот.

Според него, ако се работи само со неколку луѓе во Министерството за земјоделство и потоа тие „излезат“ поради политички промени, сé се враќа на самиот почеток што не би смеело да се дозволи.

Целта на земјишното банкарство, како што беше објаснето на работилницата, е рационално користење на расположливите површини. Земјишното банкарство не подразбира кредитни картички, ниту деловни зделки, туку јавна услуга. Придобивката од него мора да е јавна, општествена и никако не смее да се сведе на реализирање нечии бизнис интереси. Се работи за системски пристап кој бара исклучителна транспарентост (преку овозможување увид во трансакциите во секое време) и минимум десет години однапред подготвен план за корситење на површините

Земјишната банка, како столб на земјишното банкарство, мора да е јавна институција со независен, сопствен, автономен буџет кој би се користел брзо во одредени ситуации и чии средства би биле рециклирани за други земјишта во други области, зависно од потребите. Поради тоа, неопходен е и силен заштитен механизам од евентуални злоупотреби – давање земјиште на блиски луѓе, стекнување лична корист,…

Од работилницата беше испратена и пораката дека лкалното производство на храна никогаш не било поважно од сега, како и дека токму затоа е неопходно да се зголеми мобилноста на земјиштето како ресурс, но и да се максимизира неговата искористеност.

Кај нас се смета дека околу една третина од вкупното земјоделско земјиште е напуштено. Во Холандија напуштено земјиште нема, а во Литванија е сведено на помалку од еден процент. МЗШВ со ФАО работи на прецизно утврдување на состојбите, како и на мерки за враќање на неопбработливите површини во употреба.

На работилницата во Скопје што се одржува во хибриден формат, учествуваат повеќе од 180 професионалци од областа на управувањето со земјиштето од околу 40 земји, главно од Европа и Централна Азија, а претставници од Данска, Латвија и Словенија ќе споделат добри практики и искуства од нивните држави во оваа област. По исцрпување на денешната агенда, работилницата ќе продолжи утре со сесија за консолидација на земјиштето во Македонија и посета на селото Егри во Општина Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2022 13:17