Би сакала да ја зголемиме соработката со САД бидејќи сметам дека е време да користиме фондови и практика однадвор, не само од ЕУ. Културните практики за заштита на културно наследство се со цел да се подобрат процесите за спречување нелегална трговија со артефакти, така што посетата ќе биде чекор напред за донесување закон за илегална трговија на артефакти и уметнички дела од Македонија, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која денеска е во Вашингтон, во рамките на стратегискиот дијалог со САД.
Како што соопштија од Министерството за култура, во рамките на престојот, таа ќе ги посети Националниот демократски институт (НДИ) и Меѓународниот републикански институт (ИРИ), а е предвидено еден сегмент од дискусиите да биде посветен на практика што е потребна во нашата држава за да се спречи нелегалната трговија на уметнички дела и артефакти.
– Во делот за културата, за стратегискиот дијалог со САД е од особено значење размената на искуства за културното наследство, особено во делот на нелегална трговија со артефакти, така што на средбата со Здружението тука ќе се потпише договор за соработка, што потоа треба да резултира со правни решенија, како и за евентуална размена на кадар за успешно спроведување во целост, порача Костадиновска-Стојчевска од САД.
Таа истакна дека според проценките, над 1000 артефакти се водат како украдени од Македонија.
– Како земја имаме проект во Хераклеја инвестиран од страна на Амбасадата на САД по долг период. Дефинитивно културните практики за заштита на културно наследство се со цел да се подобрат процесите за спречување нелегална трговија со артефакти така што посетата ќе биде чекор напред за донесување закон за илегална трговија на артефакти и уметнички дела од Македонија, заклучи Костадиновска-Стојчевска.
Амбасадорскиот фонд за зачувување на културата е една од многуте програми што ги води Бирото за воспитни и културни работи на Стејт департментот на САД како дел од својата мисија за јавна дипломатија преку едукативно и културно програмирање и размена.
Преку 16 грантови на Амбасадорскиот фонд, Соединетите Држави обезбедија 1,5 милиони американски долари за заштита на културното наследство во Македонија.
Како што соопштија од Министерството, грантови од Амбасадорскиот фонд на САД во изминативе 20 години добија најзначајните локалитети и објекти од областа на културното наследство кај нас, како: Стоби, црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, објектите Даут-пашин амам, Чифте амам и црквата „Свети Спас“ во Скопје, Шарената џамија во Тетово, манастирот во Вељуса кај Струмица, локалитетот Хераклеја Линкестис кај Битола и други.
Амбасадорскиот фонд за заштита на културата е грант-програма основана во 2001 година од Стејт департментот, на барање од Конгресот на САД. Од своето основање, Амбасадорскиот фонд (The Ambassadors Fund for Cultural Preservation) и има поддржано над 1000 проекти за заштита на културата во 133 земји низ светот.