На археолошкиот локалитет Била Зора во светиниколското село Кнежје почна конзервацијата на Владетелеската палата.
Директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов вели дека палатата се уште не е во целост откриена, како и нејзиниот однос со останатите градби на Акрополата на Билазора.
-Палатата претставува комплексен објект, кој според својата позиција, архитектонски, градежни и декоративни елементи, како и карактерот на просториите околу централниот отворен атриум, е афирмирана како владетелска палата. Досега откриената архитектура, разнобојната фрескодекорација, како и движните наоди, сведочат за нејзините исклучително високи културно – историски вредности, како резиденција на Пајонските владетели, што ја прават единствен објект од тој вид и време досега откриен во внатрешноста на Балканот, вели Штерјов.
Овој локалитет се простира на површина од 20 хектари. Целата површина на локалитетот претставува населбински простор од 7 до 2 век п.н.е., во рамките на три хронолошки, културно и урбанистички различни населби. Најстарата населба од железното време била ограничена само на највисокото плато, заштитена со ограден бедем од сувоѕидани аморфни камења.
Министерството за култура за конзервација на она што е истражено издвои 1.800.000 денари.