Во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска ќе се одржи предавањето „Библиотеките како простор и за квир заедниците“, чиј предавач ќе биде м-р Лени Фрчкоска, модератор ќе биде м-р Томислав Каранфиловски (автор на проектот), соработници на проектот Јана Михајловска и Маја Мицевска Ризова.
Како што информираат од НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, настанот е дел од проектот „Збогатување на библиотечните фондови со публикации коишто се однесуваат на ЛГБТ+ популацијата“, а кој се реализира со финансиска поддршка на CENL.
– Овој проект има цел да придонесе кон поголема видливост и интеграција на квир заедниците во рамки на библиотеките. Практично, преку овој проект, за првпат, на еден организиран начин, преку набавката на соодветна литература, се вклучуваат квир заедниците во рамки на Националната и универзитетска библиотека. Дел од купените книги ќе бидат изложени во холот на библиотеката. Со ова, НУБ „Св. Климент Охридски“ покажува дека е отворена библиотека и за маргинализираните, ранливи и помалку видливи заедници во нашето општество, посочуваат од НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.