Со концерт на современа класична и електроакустична музика за повеќе видови кларинети, на кој како солист ќе настапи кларинетист Стефан Вермеерш од Белгија, вечер од 20 часот во КИЦ-Скопје (Салон 19:19) ќе биде отворен 4. Меѓународен фестивал за кларинети Кларифест-Скопје 2022.
Фестивалот ќе трае до 3 јуни и се состои од семинари, концерти за кларинет, презентации на опрема за кларинети и промоција на некои модели на кларинети.
По вечерашниот концерт, следуваат дводневни семинари и презентации за кларинет, кои ќе се одржуваат во Националната опера и балет, а фестивалот ќе биде затворен в петок со концерт на унгарскиот кларинетист Габор Варга и нашата пијанистка Елена Атанасовска-Ивановска во Музејот на македонската борба од 20 часот.
Фестивалот е во организација на Здружението за култура и уметност „Артистико“ од Скопје со поддршка од Министерството за култура, Град Скопје и Амбасадата на Унгарија во Скопје. Концертите и сите настани во рамките на фестивалот се отворени и бесплатни за заинтересираните посетители.