На Зелениот покрив ГТЦ, вечерва од 19 часот ќе се одржи промоција на монографијата „Лексикологија на македонскиот јазик“ од професор д-р Симона Груевска Маџоска, која е производ на заложбите на Книгоиздателството Ми-Ан за континуирана поддршка на научната мисла од областа на хуманистиката, особено на македонистиката.
Како што информираат од Институтот за комуникациски студии (ИКС), Симона Груевска Маџоска е авторка на првата книга посветена на лексикологијата на македонскиот јазик.
– Оваа книга се вика Лексикологија на македонскиот јазик, но, секако, прашањата што се третираат ѝ припаѓаат на универзалната лексикологија зашто дефинициите на зборот, на лексичкото значење, синонимијата итн. се однесуваат на сите јазици. Таа претставува лексикологија на македонскиот јазик зашто примерите се од македонскиот јазик и нема контрастивни и компаративни истражувања со другите јазици, но, тоа е карактеристика на сите учебници по лексикологија што се објавени досега, исто како и кај синтаксата, стилистиката итн., стои во соопштението од ИКС.
Промотори на монографијата ќе бидат проф. д-р Димитар Пандев и д-р Емил Ниами.
Симона Груевска-Маџоска од септември 1998 година е избрана во звањето асистент-истражувач на Одделението за лексикологија и лексикографија во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во 2006 година е избрана во звањето виш научен соработник, а во 2012 во звањето научен советник/редовен професор.
Автор е на повеќе статии од областа на лексикологијата, стилистиката и социолингвистиката, Во 2009 година, излезе од печат нејзиниот монографски труд „Лексичка синонимија во македонскиот стандарден јазик“, а во 2010 година „Социолингвистички огледи“.
Од ИКС дополнуваат дека книгата е наменета за стручната јавност, но, како што посочуваат, таа ќе биде корисна и нужна и за сите оние кои се интересираат за македонскиот јазик и лингвистиката воопшто.