Од 9 до 12 јуни, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ќе се одржи четвртото издание на „Златна рамка“, филмската ревија на македонската продукција. Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, ќе бидат прикажани филмови од најновата македонска долгометражна, документарна и краткометражна филмска продукција, реализирани минатата година со поддршка на Агенцијата за филм. За разлика од претходните три изданија на филмската ревија „Златна рамка“, која претставува годишен преглед на домашната филмска продукција во една календарска година, ова издание е проширено и со дополнителна работна програма со интернационални гости, која ќе биде одржана во хотелот „Александар Палас“.

Филмовите што ќе ја сочинуваат програмата во киното Фросина се: долгометражните „Сестри“ во режија на Дина Дума, „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи и „Сокриениот“ во режија на Арсим Фазлија, документарниот филм „Брод полн со бисери“ во режија на Александар Зиков и краткометражните филмови „Северен пол“ во режија на Марија Апчевска, „Баскет“ во режија на Димитар Банов, „Денот кога сакав да умрам“, во режија на Петар Џуровски, „Касапот“ во режија на Илчо Царовски и „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ.

Проекциите во киното „Фросина“ се бесплатни за посетителите, кои воведно ќе имаат можност и да се сретнат со дел од авторите од филмските екипи што ќе присуствуваат на овие проекции. Прикажувањето ќе започне на 9. јуни во 19 часот, со документарниот филм „Брод полн со бисери“ во режија на Александар Зиков (филмска продукција ДЕА). На 10. јуни, со почеток во 19 часот ќе бидат прикажани пет краткометражни филмови, додека следниот ден (11. јуни), со почеток во 17 часот ќе биде одржана долгометражната програмата, составена од три македонски филма („Сокриениот“, „Исчезнатиот“ и „Сестри“).

Друштвото на филмски работници како основач и организатор на „Златна рамка“, традиционалното ќе им ги додели почесните награди на филмскиот актер Сашко Коцев, филмскиот работник Бранко Петровски и на филмскиот автор Кирил Спасески Кикиќ, а за првпат ќе биде доделена и почесна награда на странски автор, која оваа година ќе му биде врачена на филмскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ. Гала настанот за доделување на наградите со присуство на странски гости ќе се одржи на 9. јуни во хотелот „Александар Палас“, со почеток во 20 часот.

Во рамките на „Златна рамка“, покрај ревијата на македонски филмови од изминатата година, ќе биде одржана и интернационалната конференција насловена „Модели на финансирање и легислатива-регионална соработка, можности и унапредување“ на која ќе учествуваат директори на национални филмски фондови и продуценти од десет земји, меѓу кои Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Кипар и Турција. На конференцијата ќе стане збор за позитивните и негативните примери на финансирање на филмот, состојбата на буџетирање на нашиот филм, моделите на копродукција итн.

Значајна новина на годинешното издание на „Златна рамка“ е отпочнување на социјална програма, која ќе биде наменета за публиката која од најразлични социјални ограничувања не може да го посети киното „Фросина“. Водејќи се од ова сознание, ДФРМ одлучи филмот да го однесе пред оние граѓани, во институциите каде што се затекнати поради најразлични околности (пензионерски дом, затвор, болница, домови за деца, казнено-поправни домови итн.). За оваа цел, во недела (12 јуни) ќе бидат организирани проекции во Казнено-поправниот дом. Оваа социјално одговорна програма е иницијатива на „Златна рамка“ и ќе се практикува и во иднина.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/06/2022 14:12