Скелетните остатоци од археолошки локалитети говорат за животот во демиркаписко во минатото, информираа денеска од Музеј Демир Капија. Музејските работници соопштија дека скелетните остатоци, покрај тоа што го привлекуваат вниманието на туристите, се интерес и за помладите, кои понекогаш овде реализираат час по биологија.

– Археолошките пронајдоци беа добра основа и за денешниот час по биологија, кој наставничката Гордана Крстевска од ООУ „Димче Ангелов-Габерот” од Демир Капија, го реализираше со учениците од двете деветти одделенија. Беше тоа уште една успешно реализирана наставна единица. Голем е интересот на учениците за населението на Демир Капија, нивните старост и потекло, видени преку антрополошките карактеристики на скелетните остатоци од два локалитети во околината на Демир Капија, појасни Цветанка Митрева, виш кустос археолог.

Во изјава за МИА, Митрева рече дека поставката на садови и предмети за преработка на грозје и добивање на производи од грозје, е исто така интересна за посетителите.

– Едукацијата на младите генерации е најважниот момент на кој сите ние возрасните треба да му посветиме посебно внимание, затоа што тие се моторот на животот. Да ги воспитаме и образуваме, тоа е должност на сите нас, како чинители во општествениот живот. Образование, наука и култура-да направиме успешни и квалитетни личности од децата, потенцира Митрева.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/06/2022 15:01