Оркестарот на Филхармонија вечерва од 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Младите доаѓаат“ на кој ќе настапат ученици од државните музички училишта.

Како што информираат од Македонската филхармонија, диригент е Дијана Илкоска Имери, а на програмата се дела од А.Крепин, В.Пихл, Ф.А.Хофмајстер, В.А.Моцарт, Џ.Росини, Х.Виењавски, Д,Мијо, Е.Лало и С.Прокофјев.

– Како солисти ќе настапат Ѓорѓи Димовски – саксофон (III средно, ДМУ, Битола), Итан Георгиев –контрабас (III средно – ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје), Леона Кондратенко – виола (IV средно, ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје), Јаков Ангелов – виолина (IV средно, ДМБУЦ “ИлијаНиколовски – Луј”, Скопје), Наум Палоски – кларинет (III средно, ДМУ “Тодор Скаловски – Тетоец”, Струга), Симеон Гошев – виолина (IV средно, ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје), Григори Ангелов – саксофон (IV средно, ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје), Магдалена Дрмач – виолончело (II средно, ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје) и Гоце Златев – пијано (II средно, ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје), стои во соопштението од Филхармонија.

Диригентката Имери Илкоска (1988) е една од надежните македонски диригенти. Своето образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде дипломира во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар (Оркестарско диригирање во 2014 г., Хорско диригирање и Музичка Теорија и Педагогија во 2011 г.), а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 г. Уште во студентските денови, интензивно работи како асистент на маестро Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а бележи настапи на повеќе престижни подиуми меѓу кои и фестивалите „Охридско лето“ и „Скопско лето“ со Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/06/2022 09:35