Промоција на книгата „Етапите на ноќта“ од Милош Латиновиќ, ќе се одржи вечер во Салон 19:19.

Книгата, како што соопшти Културно информативниот центар (КИЦ) – Скопје, ќе ја претстават Гордана Јовиќ – Стојковска и Младен Весковиќ, а делови од неа ќе чита Мирослав Петковиќ.

– Романот „Етапите на ноќта“ на Милош Латиновиќ ќе нѐ понесе низ чудни времиња, на уште почудни настани и ликови, кои некако вовлекувајќи ни се под кожа, начнуваат прашања за препознавање на ноќта – која и не е всушност само ноќ, туку живот, наведуваат од КИЦ – Скопје.

Милош Латиновиќ е роден на 23 септември 1963 година во Кикинда. Завршил факултет за политички науки во Белград. Работел како новинар во весникот „Комуна“ и на Радио Кикинда. За новинарската репортажа „Сред поле околу море“ објавена во магазинот „Неделен дневник“ во 1999 година доби „Гран При“ на фестивалот „Интерфер“во Сомбор. Во периодот од 1999 до 2001 година ја извршувал должноста директор на Народната библиотека „Јован Поповиќ“ во Кикинда, а од 2003 до 2008 година бил директор на Народниот театар во Кикинда.

Автор е на шест збирки раскази, осум романи, две книги есеи, две монографии и десетина драмски текстови. Книгата Раскази на ветровите, по две изданија во Србија е преведена на романски и германски јазик, а Сто дена дожд на бугарски јазик (Персеј Софија), исто така бројни прозни текстови му се преведени на англиски, унгарки, словенечки, словачки, руски и македонски јазик. Моментално е директор на БИТЕФ театарот.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/06/2022 09:38