По синоќешното отворање со настапите на Перија и Добрила и Доријан Дуо, денешната втора вечер на ОФФест е резервирана за еден од најзначајните современи мајстори на инструментот кора, Балаке Сисоко од Мали, како и за префинетиот посттропикализам и бос звук на триото на бразилски гитарист, пејач, композитор и продуцент Лукас Сантана.

Сисоко е познат по своите инструментални иновации и бројни соработки вон западноафриканската музика. Меѓународниот подем го постигна заедно со кора гуруто Тумани Диабате, на албумот „New Ancient Strings“ (1999), првиот инструментален кора албум во светот. Сисоко започнал да се занимава со музика на млада возраст. Во 1981 година, уште во раните тинејџерски години, по смртта на татко му Џелимади, тој го зазема неговото место во Ensemble Instrumental National du Mali. Една од карактеристиките на неговата музичка визија е тоа што тој стана сериски кроскултурен соработник, секогаш подготвен да го имплементира звукот на кората во нови и различни контексти. Тоа започна со раскошен сет дуети на пијано и кора со италијанскиот композитор Лудовико Еинауди, а потоа следеше неговата соработка со ирскиот мултиинструменталист Рос Дејли. Настапувал или снимал музика со Рокиа Траоре, Таџ Махал, триото 3MA (со Ел Малуми и Раџери) и Салиф Кеита, меѓу другите. Веројатно најзабележителната негова авантура е тандемот со францускиот виолончелист Винсент Сегал, со кого сними два извонредни албуми на кора и виолончело дуети. Балаке е рангиран само позади неговиот роднина Тумани Диабате како најистакнат светски кора маестро.

Бразилскиот вундеркинд Лукас Сантана, крстосувајќи го светот со најголемите имиња на бразилската Тропикалија, веќе имаше апсорбирано огромно количество музика, недостижно за повеќето професионалци во текот целиот свој живот. Младиот талент од Баија беше откриен во своите рани дваесетти години од страна на бразилските „супертешкаши“ Жилберто Жил и Каетано Велосо. Во текот на својата повеќе од две децении долга кариера, тој издаде осум одлични албуми, а компонираше музика и за неколку MPB ѕвезди, како Фернанда Абреу, Мариса Монте и Даниела Меркјури, прераснувајќи во еден од најжешките музички феномени јужно од Екваторот. Денес, пејачот, композиторот, продуцентот и движечката сила на бразилскиот нов бран се враќа кон корените на бразилската гитарска традиција од 1950-тите за да испорача еден пост-тропикализмичен електро-акустичен поп албум со теми што го третираат подемот на реакционерната политика и нејзиното опасно игнорирање на човековите права и животната средина. Сантана бира интимна поставка за својата потрага по светлина во овие мрачни времиња. Како што вели: „живееме во време во кое сите зборуваат гласно. Мислам дека дојде време за шепот во ушите на луѓето“.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/06/2022 10:18