При посета на Зоолошка градина, главната атракција, вообичаено, е лавот. Со бујната грива, кралот на џунглата, е секогаш посебно доживување. Меѓутоа, еден од нив е навистина посебен.

Животното по име Ханг Ханг се наоѓа во Зоолошката градина во Гуангжу, Кина, и поради неговата необична „фризура со кркми“, деновиве е хит на интернет. Но, многумина се прашуваат и кој дозволил ова прекрасно животно да изгледа како некој да се шегува со него? Некои забележуваат и дека „лицето на лавот покажува дека тој не е среќен“, оти „изгледа засрамено“ и дека тие што, наводно, можеби „го потстржале“, треба да се засрамат, бидејќи „тоа не е нормално“.

Набргу потоа стигна коментар и од Зоолошката, откаде што порекнаа каков било зафат над неговата грива и оти најверојатен виновник за тоа е високата влажност.

„Во зоолошката градина нема ‘фризерска програма’, а ние не се осмелуваме да му ја кратиме косата на лавот. Може да се каже дека тој ‘сам ја осмислил фризурата’‚“ се наведува во соопштението.

Новостекнатата слава на лавот фрли светлина и на неговото потекло, бидејќи Ханг Ханг е од редок подвид бел лав. Белите лавови ја добиваат својата необична боја од рецесивен ген, слично како и кај белите тигри, а тие се многу ретки во природата.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2022 09:11