Кавадарци денеска беше промовиран романот „Денот на црвот“, добитник на наградата за роман на годината 2021 година, којашто ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Автор на делото издадено од „Или-Или“, е Симона Јованоска, родена 1985 година. Ова е прв нејзин роман, претходно има објавено книга со раскази.

Ѕвездан Георгиевски, извршен директор на Фондацијата, рече дека врачувањето на оваа награда е успешен културен проект. Тој нагласи дека е ова значајна награда, којашто се доделува по 23 пат и придонесува за приближување на книгите до читателите. Георгиевски додаде дека интересот за пишување романи е значително зголемен.

Промоторката, Ноне Ноциќ ја претстави книгата низ разговор со лауреатката. Таа рече дека и е чест и задоволство да разговара со добитничката, на, како што нагласи, најпрестижната македонска награда за литература.

– Симона Јованоска е писателка којашто допрва ќе ги доживее своите ѕвездени моменти, во тоа сум сигурна. Затоа што го проучува животот, таа е извонреден раскажувач, метафоричар, колекционер на човечки судбини и приказни, нагласи Ноциќ.

Таа рече дека ова дело ќе остави траен белег во македонската книжевност.

Јовановска рече дека ликовите во романот се обични, од секојдневието.

– Мене ме инспирираат луѓето коишто јас лично ги знам и коишто сум ги запознала, откри авторката на романот.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2022 14:29