Колумбиските поморски претставници кои вршат подводно истражување на долго потонатата шпанска галија „Сан Хозе“ открија уште две древни остатоци од бродови во близина, објави претседателот Иван Дуке.
Остатоците на шпанската галија „Сан Хозе“, која историчарите ја сметаат за „Светиот грал“ на поморската археологија и за која претпоставуваат дека носи богатства вредни милијарди долари, потона во 1708 година во близина на карипското пристаниште Картагена во Колумбија.
Извлекувањето на потонатиот брод и неговото богатство е предмет на децениски судски спорови.
Батискаф со далечински управувач достигнал длабочина од 900 метри и снимил уникатна снимка од потопеното богатство, која на прес-конференцијата ја претставија колумбискиот претседател Иван Дуке и поморските службеници.
Меѓутоа, за време на ова нуркање, подводно возило откри остатоци од уште два брода во близина – колонијален чамец и шхун за кој се верува дека е од приближно истиот период кога Колумбија ја водеше војната за независност од Шпанија, пред околу 200 години.
– Сега имаме уште две откритија во истата област, кои покажуваат други можности за археолошки истражувања, изјави командантот на морнарицата адмирал Габриел Перез. „Значи, работата допрва почнува“.
Објавените снимки нудат досега најдетален увид за видот на богатството кое се наоѓало на галијата „Сан Хозе“ – златни прачки, дукати, топови направени во Севиља во 1655 година и недопрени кинески садови.
Археолозите од морнарицата и владата работат на утврдување на потеклото на богатството врз основа на натписите, велат властите.
„Идејата е да се обнови потонатиот брод и да се обезбедат одржливи механизми за финансирање за идните истражувања“, рече претседателот Иван Дуке. „На овој начин го заштитуваме богатството, наследството на галијата Сан Хозе.