Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица, од кои првиот е осомничен за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, додека другите двајца за продолжени кривични дела „фалсификување исправа“, како и за поттикнување на првоосомничениот да изврши злоупотреба на службената положба.

– Во периодот од јули 2020 година до мај 2021 година, првоосомничениот како службено лице – референт во МВР – ОУР Скопје, поттикнат од другите двајца, ја искористил својата службена положба и овластување и со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на истото дело. Со тоа на осомничените им остварил значителна имотна корист од 174.052 евра, соопшти Основното јавно обвинителство.

Вториот и третиот осомничен, во наведениот период, поднесувале фалсификувани документи за регистрација на луксузни автомобили на кои им било извршено прикривање и промена на оригиналните идентификациски броеви. Првиот осомничен, без да ги направи неопходните проверки на целокупната документација, им овозможувал да ги регистрираат возилата и потоа да ги препродадат на трети лица.

– За тројцата осомничени, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи п стои опасност да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци или да го повторат делото за кое се осомничени, се вели во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/06/2022 15:10