Националната платформа за женско претприемништво денеска организираше регионален форум на тема „Дигитална трансформација и нови можности за женско претприемништво“, како дел од низата форуми во сите осум плански региони во државата покриени со хабови за женско претприемништво.
Претседателката на Здружението на бизнис жени и Националната платформа за женско претприемништво, Валентина Дисоска, објасни зошто дигитализацијата секаде е ставена и што треба да се прави во врска со тоа.
– Моето мислење е дека сме во позиција дека не знаеме што не знаеме, нам ни треба дигитализацијата, меѓутоа не знаеме каде треба да го водиме патот. Затоа денеска собравме експерти од дадената тема коишто ќе ни дадат насока како понатаму да ги креираме нашите движења, истакна Дисоска во нејзиното обраќање.
Претседателот на ИКТ Комора при Сојузот на стопански комори, Орце Симов, истакна дека кај нас може да се констатира оти нивото на дигитализација на државните институции е на исклучително ниско ниво, а можеби во малку повисоко ниво е нивото на дигитализација во приватните компании, затоа што, според него, дигитализацијата го зголемува растот на компаниите за најмалку 20 отсто.
– Дигитализацијата значи да се употребат дигиталните средства, да се оптимизираат бизнис процесите и функциите и тие да се направат со употреба на дигитални технологии и со сето тоа ќе станеме поотпорни на економските кризи, полесно ќе ги пребродиме кризите, ќе го зголемиме приходот од најмалку 20 отсто, објасни Симов.
Емилија Андонова од Фондацијата МИР, којашто ги презентираше достигнувањата, можностите и потенцијалите за развој на женското претприемништво, информираше дека во рамки на платформата ќе се организираат уште два годишни самити – секторски и тематски.
– Она на што остануваме доследни е тоа што ние постојано инвестираме во учењето, во образованието, така што ни остануваат интересни вебнари коишто ќе бидат организирани наскоро и ќе имаме студиски посети, најави Андонова.
Регионалниот форум се организира во рамките на Националната платформа за женско претприемништво, која е воспоставена преку проект кофинансиран од ЕУ, а е спроведуван од Здружението на бизнис жени во партнерство со Сојуз на стопански комори на Македонија, Национална федерација на фармери и Фондација за менаџмент и индустриско истражување МИР.