Еднојајчени близначки кои пораснале во различни краеви на светот, некако развиле слични особини на личноста, но значително различни нивоа на коефициент на интелигенција, покажа неодамнешно истражување.

Написот е објавен во списанието „Персоналити енд индивиџуал дифренсес“, а научниот труд е на истражувачи од Универзитетот Кукмин во Сеул и Државниот универзитет на Калифорнија. Сестрите се родени во Сеул во 1974 година, но биле разделени на двегодишна возраст, откако една од нив се загубила на пазар. Покрај напорите на родителите да ја најдат во тоа време, исчезнатата ќерка на крајот била посвоена од американски пар. Така, едната жена пораснала во Јужна Кореја, а другата – во САД…

Посвоената жена пораснала без сознание за своите браќа и сестри, сѐ до една програма на јужнокорејската Влада за барање изгубени членови на семејствата. Во 2020 година, преку ДНК, натурализираната Американка дознала дека не само што има идентична близначка, туку и постари брат и сестра во Азија.

Набргу по обновувањето на семејните врски, близначките се согласиле да учестуваат во научен експеримент на споредување на нивната интелигенција, личност, ментално здравје и медицинска историја. Така, близначката која пораснала во Јужна Кореја кажала дека пораснала во љубов и хармонично домаќинство, додека онаа што живеела во САД живеела во постојани семејни судири и го посведочила разводот на посвоителите…

Една од сличностите е медицинската историја – и двете биле оперирани со отстранување тумор од јајниците.

Во однос на коефициентот на интелигенција, жената од САД имала 16 поени помалку од својата близначка.

„Зачудувачки е што близначките покажаа значителни разлики и во когнитивните способности кои се поврзани со генетското влијание“, забележуваат истражувачите.

Иако не е сосем познато дали нивното различно воспитување влијаело на таквото несовпаѓање, истражувачите забележале дека близначката од САД претрпела три претходни потреси на мозокот, што може да влијае врз нејзините умствени способности.

Друга откриена разлика е тоа дека жената од САД развила поиндивидуалистички поглед, додека нејзината сестра од Јужна Кореја има повеќе колективистички вредности.

Наодите велат и дека „целокупната конфигурација на личноста на двете близначки е слична, согласно литературата за умерените генетски влијанија врз личноста во зрелоста“. Нивните резултати од тестот за самодоверба и профилите за ментално здравје се идентични.

„Забележително е дека и двете имаат изразито висока совесност, што значи дека и двете се одмерени, добро организирани, свесни за другите околу себе и се стремат кон напредувања“, се вели во написот.

Сличностите меѓу наравот на сестрите, и покрај нивните различни опкружувања, истакнуваат дека генетиката игра битна улога во емоционалните склоности на една личност.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/06/2022 13:41