Да се спои работата со уживањето во убавината и раскошот на вечната Венеција е навистина тешко. Кога сето тоа ќе се собере во два дена исполнети со трчање од настан до настан, но и да се задоволи новинарската љубопитност и да се опише забележаното, тогаш се поставува прашањето дали можеби и десет дена се доволни да се види сè што вреди во Венеција. Сепак, и броените погледи ја полнат душата со убавина од најубавиот град во светот.
Уште пред слетувањето на аеродромот во Тревизо од неколку километри височина се забележува заливот Венето. Градот е изграден токму во тој залив на еден поголем остров и вкупно 117 помали острови.
Првата слика за Венеција ми ја покажа струмичанката Сања Цветкова, која заради обврските кусо време ми беше туристички водич. Влеговме преку новиот стаклен мост, од кој се пружа поглед на најголемиот дел од Големиот канал. Поминуваме покрај малиот пазар полн со различни сувенири од кои доминираат маските од познатиот тамошен карневал и еден од најпознатите симболи на градот, секако заедно со Венецијанскиот филмски фестивал.
Покрај географската положба, бурната историја е таа што Градот на вода го прави посебно занимлив, а по пандемијата Венеција изгледа како во најдобрите времиња – полна со туристи од цел свет, а најзабележителни се Кинезите. Џагор од различни јазици се слуша насекаде, а го надополнуваат уличните изведувачи од кои еден беспрекорно ја пееше „Колку прекрасен свет“ од Луис Армстронг.
Авенијата „Голем канал“
Сакале или не, погледот секогаш ви се насочува кон Големиот канал и помалите канали, кои наликуваат на споредни улици. Имате чувство дека се наоѓате на некоја авенија по која, наместо возила, сообраќаат гондоли, такси-бротчиња и бродови за превоз на поголеми групи туристи. И одеднаш здогледувате како со брод се превезува починат во мртовечки сандак, слушате сирени од бродот за итна помош и противпожарниот чамец. Сликата на животот и раскошот, од една, и смртта и опасноста, од друга страна, ви се помешуваат, но песната од гондолиерите кои ги возат во гондолите заљубените срца во малите канали ве враќа во среќната реалност. Во градот има стотина гондолиери. Обично работата се наследува семејно и многу е тешко да се добие лиценца. Само кога гондолиерот заминува во пензија или ќе почине, тогаш се отвора место за друг.
Бродовите застануваат на „Riva degli Schiavoni“. Оттука бројните туристи ја почнуваат прошетката по Венеција, а интересен е и такси-превозот со бротчиња кои можат да превезат десетина лица од една постојка до друга. Во зависност од должината на маршрутата цената се движи од 15 до 70 евра, додека со големите туристички бродови разгледувањето за еден ден ќе ве чини 30 евра. Како на филмска лента се редат Дуждовата палата, ѕвонарникот на базиликата „Свети Марко“, највисоката градба во Венеција, која многупати е оштетувана, урната и повторно изградена, па „Santa Maria della Salute“, една од најубавите градби, Лавот на „Свети Марко“, еден од симболите на Венеција, и многу хотели и палати од средниот век. Токму во хотелот „Ca ‘Sagredo“, каде се одржуваше главниот настан на формирањето на Македонско-италијанската стопанска комора, луксузот се чувствува на секој чекор, но и тресењето на подот по кој се движите. Тој поигрува под вашите нозе и имате чувство како да сте во 15 век, кога била изградена палатата, сега претворена во луксузен хотел.
Темелите на градот се на дрвени трупци
Микеле, еден од таксистите што нè возеше, раскажува како е изградена Венеција.
– Темелите на градот, односно на секој објект, се поставени на големи дрвени чамови трупци донесени од пониските делови на околните планини. Колку труд и знаење е вложено тие да се постават на дното и врз нив да се изгради градот никој не може да знае. До ден-денешен тие го држат градот, а во последно време не е дозволено ништо да се гради во близина на водата. Единствено е дозволено да се реновира објектот одвнатре и однадвор и да се вршат помали интервенции, објаснува Микеле.
Додава дека одлично заработува со неговиот такси-брод и работи во текот на целата година, бидејќи Венеција ниту еден ден не е без туристи.
– Јас сум регистриран такси-превозник и плаќам даноци. Душата на нашиот град е водата, па дури и кога се поплавуваше и имавме големи штети. Сега има поставено заштита и се надевам дека поплавите ќе ги нема повеќе, раскажува тој возејќи нè кон плоштадот „Сан Марко“.
Пловиме под најпознатиот мост во Венеција, „Мостот на воздишките“, кој ги спојува Дуждовата палата и затворот. Можеби звучи романтично, но името го добил по воздишките на затворениците кои од мостот по последен пат ја гледале Венеција пред донесувањето на пресудата.
Плоштадот „Свети Марко“ место за врвно доживување
Плоштадот „Свети Марко“ е најголем и најпознат плоштад во Венеција. Скоро од сите страни е затворен, а таму нè пречекуваат тактовите од „Деветтата симфонија“ од Бетовен од еден оркестар во кафуле што постои од 1750 година. Откако отсвиреа уште една песна, се вклучи друг оркестар во соседното кафуле, кој исто така отсвире две песни, па се вклучи третиот од друг објект. И така се менуваат оркестрите со паузи за да не си пречат еден на друг, а гостите уживаат во музиката и романтиката. Се пие најпознатиот италијански пијалак „аперол шприцер“, кој го послужуваат со зелена маслинка и лимон, а за мезе се послужува чипс и разни грицки.
Времето бргу поминува. Полека паѓа ноќта врз „Свети Марко“. Обиколката ја продолжуваме по малите улици, каде врие од туристи, а на едно место во долга колона се чека ред за сладолед. Уличките се како лавиринт, поврзани со мовчиња преку кои се стигнува до мали продавници и традиционалните италијански ресторани, во кои неизбежна е популарната пица, во која може да се ужива за 7 – 10 евра, тестенини, морски плодови и многу други специјалитети кои во себе го имаат вкусот на Венеција.
Се враќаме назад кон такси-пристаништето. Изнајмуваме броtче кое по пловење од повеќе од половина час нè враќа на копнениот дел на Венеција, од каде влегуваме во такси на четири тркала со кое продолжуваме во Местре, град оддалечен 10 километри од вечната Венеција, каде бевме сместени. Уште еден поглед кон Големиот канал и светилките кои полека ја губат својата светлина во отсјајот на водата. Утре од авионот за Скопје пак ќе ја видам Венеција одозгора. Се надевам не за последен пат.