Многу луѓе го замислуваат својот идеален одмор некаде на море, на песочна плажа под жешкото сонце, со коктел во рака. Ако веќе сте решиле да отидете на одмор на море најблиски дестинации се во соседството, а некои ќе отпатуваат малку подалеку во Турција, Шпанија или Италија. Тоа што неизбежно ќе ви го расипе долго планираниот и скапо платен одмор се медузите. Освен што ќе ве спречат да пливате може да бидат и опасни доколку ве допрат, па ќе го поминете остатокот од одморот со голем оток.

Според биолозите во последните четири години во Средоземното море како резултат на климатските промени е забележан се поголем број на медузи кои се вистинска закана за туризмот. Тоа ги потикна истражувачите да ги заштитат туристичките работници, но и туристите.Во Италија на една од најпопуларните плажи на која доаѓаат и до 300.000 туристи е речиси невозможно да се ужива покрај морскиот брег. Бројот на медузи е огромен а плажите може да се користат само една недела во екот на сезоната. Тоа доведува до големи економски загуби за државата која многу зависи од приходите од туристите.

Од овој проблем страда речиси целиот Медитеран, а загрижува и тоа што е намножен најотровниот вид на медузи кои се вистинска опасност по здравјето на туристите. Според медицинските податоци годишно страдаат околу 150.000 туристи. Докторите препорачуваат да ја заштите кожата со крема за сончање и на тој начин отровот од медузата во случај на допир потешко ќе се прошири. Властите од овие региони исто така размислуваат да превземат мерки со поставување на заштитни мрежи на само неколку метри од плажата.

Овој проблем е глобален но, освен закана за туристите има и многу поголема опасност а тоа е загрозување на биодиверзитетот во морињата. Веќе е сосема јасно дека човековото влијание го уништува живиот свет во морињата. Медузите инаку ретко се појавуваат во близина на брегот, а уште помалку во волкав голем број. Експанзијата на риболовот, загадувањето и уништувањето на морските видови доведува и до загрозување на медузите кои бараат засолниште во близина на плажите. Поради претераното ловење на морските видови наместо храна за рибите медузите стануваат новите предатори и затоа нивниот број е премногу зголемен.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2022 05:13