Воената власт во Мјанмар денеска соборената лидерка Аунг Сан Су Чи ја префрли од домашен притвор во затвор во Најпидо.

Портпаролот на хунтата изјави дека Аунг е префрлена во затвор во согласност со кривичниот закон.

Против Аунг се подигнати 11 обвиненија за корупција, а за секое дело е предвидена казна до 15 години затвор.

Во април таа беше осудена за земање мито од 600.000 долари во готовина и златни прачки од поранешниот премиер. Аунг тврди дека е невина.

На новинарите и на јавноста им беше забрането да присуствуваат на судењето, а на Аун и беше забранет контакт со новинарите.

Воената хунта во Мјанмар сега нареди сите судски постапки и рочишта против Аун наместо во судница да се одвиваат во затвор.

Аунг беше уапсена на 1 февруари, неколку часа пред армијата да ја собори демократски избраната влада на Мјанмар. По заземањето на власта, хунтата се соочи со отпор од граѓаните, а движењата за граѓанска непослушност и борците на вооружениот отпор се обидуваат насилно да ја соборат воената власт.

Според организацијата за човекови права „Здружение за помош на политички затвореници“ од воениот удар досега во Мјанмар загинале најмалку 1.900 луѓе, а над 14.000 биле уапсени.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2022 14:14