Секоја земја во светот зема голем залак и парче од оваа инфлација, изјави претседателот Џо Бајден на 10 јуни, откако Америка ја пријави својата најголема инфлација од 1981 година (потрошувачките цени се зголемија за 8.6 отсто во мај, споредбено со претходната година).

Точно е дека цените на горивото, ѓубривото, житариците и други стоки се зголемија секаде откако Русија ја нападна Украина во февруари. Но, не секаде има многу зголемена инфлација. Од 42 големи економии вклучени на страницата со индикатори на Економист, осум сè уште имаат инфлација под четири отсто. Шест од осумте се во Источна или Југоисточна Азија. Регионот вклучува и некои помали оази на стабилност на цените, како Виетнам (каде инфлацијата беше 2.9 отсто годинава до мај) и Макао (1.1 отсто годинава до април).

На што се должи оваа источна исклучителност? Дел од објаснувањето е ширењето на двете болести. Епидемијата на африканската свинска чума од 2018 до 2021 година ја уништи популацијата на свињи во Кина, каде беа убиени дури 200 милиони свињи, според некои проценки. Ова драматично ја зголеми цената на свинското месо, основна храна во Источна Азија. Цената последователно нагло опадна. Во континентална Кина, на пример, цената на свинското месо падна за над 21 процент годинава до мај. Ова помогна да се неутрализираат инфлаторните притисоци на други места во економијата. (Помага и тоа што во Источна Азија, за разлика од други места во светот, се јаде повеќе ориз, отколку пченица. Цената на оризот се зголеми за осум отсто од руската инвазија на Украина, додека на пченицата порасна за 17 проценти).

Другата антиинфлаторна болест во регионот е Ковид-19. Голем дел од Азија се сврте да живее со вирусот побавно и поневолно, отколку на Западот. Индонезија, на пример, не го исклучи целосно карантинот за меѓународни пристигнувања до 22 март. Во Малезија, патувањето и движењето не се вратија на нормално до почетокот на мај, еден месец откако земјата официјално влезе во својата „транзиција кон ендемична“ фаза, според индекс на социјални ограничувања развиен од банката Голдмен Сакс. Тајван останува внимателен дури и сега.

Неговиот успех во тоа да го задржи Ковид-19 во минатото, ја остави популацијата со мал природен имунитет и помалку фатализам на Западот за болеста. Кина, се разбира, продолжува да воведува строги ограничувања за движењата на граѓаните и за собири, кога и да се појават инфекции. Најновите „локдауни“ во Шангај и на други места, ги попречи и двете, економската можност да обезбедува добра и желбата на потрошувачите да ги купуваат. Ова двојно нарушување на понудата и побарувачката, во теорија, може да ги смени цените во кој било правец. Но, се чини штетата на потрошувачката е потешка и потрајна. Во мај, вториот месец од „локдаунот“ на Шангај, продажбата на мало падна за речиси 10 отсто (во реални услови) споредбено со годината претходно, дури и додека индустриското производство се зголеми за 0.7 проценти.

Ограничувањата за прекуграничното патување беа поразувачки за економиите на Хонг Конг и особено на Макао, што се потпира на посетители, кои ги пополнуваат казината.

Навистина, БДП-то на Макао во првите три месеци годинава е помалку од половина од тоа што го достигна истите месеци во 2019 година. Во тој контекст, инфлацијата од еден процент не изгледа толку неверојатна. Всушност, чудо е што цените воопшто се зголемуваат.

На Западот, високата инфлација принуди повеќе креатори на економската политика да станат јастреби. Федералните резерви на Америка, на пример, беа принудени да ги зголемат каматните стапки за 0.75 процентни поени на 15 јуни, побрзо од планираното. Новото брзање на ФЕД за борба против инфлацијата ја комплицира битката на Источна Азија против истиот непријател.

Повисоките каматни стапки во Америка привлекуваат глобални текови на капитал, ставајќи надолен притисок врз азиските валути. Хонг Конг, што ја поврза својата валута со американскиот долар, како и Макао, што ја врза својата валута со онаа на Хонг Конг, беа обврзани да ги зголемат каматните стапки еден ден откако ФЕД го стори тоа. Малезија и Тајван, исто така, ги зголемија каматните стапки веќе оваа година, а Индонезија, каде каматните стапки се 3.5 проценти, се предвидува да ги зголеми следниот месец, според банката Џејпиморган Чејс.

Малезија и Индонезија исто така експериментираа со помалку вообичаен одговор на зголемените цени: забрани за извоз. Индонезија накратко забрани продажба на палмино масло во странство, а Малезија ја задржа забраната за извоз на живи кокошки. Целта е да се остават сите добра на земјата за нејзините граѓани. Но, мерките може да бидат контраефектни, доколку малите цени ги натераат локалните земјоделци да го намалат производството. Ваквите забрани ја влошуваат инфлацијата на други места во регионот. Сингапур особено смета на увозот на живина од својот поголем сосед. Економската интимност и ривалството на парот се враќаат дома.

Исклучок на овој тренд е Јапонија. На состанокот на 17 јуни, Банката на Јапонија ја повтори својата посветеност да купи онолку десетгодишни државни обврзници, колку што е потребно, со цел да се задржат нивните приноси на не повеќе од 0.25 проценти. Реши да се држи до овој плафон, иако еквивалентните приноси во Америка нагло се зголемија на над 3.2 отсто. Овој јаз на приносот придонесе за пад на јенот, паѓајќи на околу најслабите нивоа во однос на доларот од 1998 година.

Слабиот јен ќе ги притисне увозните цени, придонесувајќи за инфлацијата во Јапонија. Доколку високата инфлација продолжи, луѓето ќе почнат да ја очекуваат, барајќи повеќе дарежливи плати како компензација. Тие високи плати ќе ги подигнат цените, со што очекувањата за инфлација ќе бидат исполнети.

Во голем дел од Азија, таква спирала плата-цена е нешто од што треба да се има страв. Но во Јапонија, тоа е нешто што креаторите на политиката долго го бараа. По години слаба побарувачка и паѓање на цените, очекувањата за инфлација станаа опасно ниски, што ѝ отежна на Банката на Јапонија да ја заживее економијата во пад и да го спречи враќањето на дефлацијата. Како и секаде на друго место, Јапонија зема залак инфлација. Нејзините централни банкари сакаат уште подлабоко да ги заринат забите.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2022 20:34