Шефот на иранската дипломатија Хосеин Амир-Абдолахиан, на денешната заедничка прес-конференција во Техеран со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, најави дека наскоро ќе бидат продолжени индиректните преговори помеѓу Иран и САД за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година.

– Подготвени сме да ги продолжиме разговорите во наредните денови. Важно е Иран да ги добие сите економски придобивки што ги подразбира Договорот од 2015 година, истакна Амир-Абдолахиан, додавајќи дека имал „долга, но позитивна средба“ со Борел.

И Борел нагласи дека очекува следните денови да бидат продолжени разговорите и да се надминат недоразбирањата.

– Поминаа три месеци и мораме да ја забрзаме работата. Многу сум среќен поради одлуката што беше донесена во Техеран и во Вашингтон, посочи Борел.

Денешната посета на Борел на Иран е дел од напорите на ЕУ да го реши несогласувањето меѓу таа земја и САД околу повторното воспоставување на договорот за иранската нуклеарна програма, чие официјално име е Заеднички сеопфатен акциски план.

Амир-Абдолахиан минатата недела ги повика САД „да бидат реални“ за Договорот.

Во март, оживувањето на иранскиот нуклеарен договор со светските сили се чинеше близу, но разговорите заглавија околу тоа дали САД би можеле да го отстранат Корпусот на иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), кој ги контролира елитните вооружени и разузнавачки ресурси на Техеран, од нивната листа на терористички организации, а кои Вашингтон го обвинува за глобална терористичка кампања.

Минатата недела САД соопштија дека чекаат конструктивен одговор од Иран за обновување на договорот, без „дополнителни“ услови, што очигледно се однесува на барањето на Иран да ја отстрани Револуционерната гарда од американската листа на терористички организации.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година ги повлече САД од Договор, поради што Техеран, една година подоцна, повторно почна да ги крши основните нуклеарни ограничувања



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2022 21:17