Археолози од Италија открија остатоци од желка во разурнатата Помпеја во Стар Рим, стари речиси 2.000 години. Животното најдено меѓу остатоците од древниот град под вулканот Везув во Јужна Италија, живеело и во 62. година н.е. – по разорниот земјотрес, но пред вулканската ерупција во 79. година што засекогаш го уништила градот.

Откритието можеби ќе помогне да се расветлат последните години на градот Помпеја, т.е. периодот на повторена изградба по земјотресот, смета управителот на археолошкиот парк, Габриел Зухтригел. Според археолозите, оваа желка не е прва откриена на наоѓалиштето. Сепак, она што е посебно за овој примерок е тоа што не е пронајден во градината на некогашниот град, каде што се откриени другите.

– Очигледно, не биле преизградени сите куќи, а средишните области на градот исто така биле напуштени, па станале собиралиште за диви животни, појасни Зухтригел.

Научниците пронајдоа и јајце во внатрешноста на желката, што води до претпоставки дека желката можеби копала за да најде место за да го изведе, рече управителот, додавајќи дека ова е вообичаено за видот „тестудо хермани“ (testudo hermanni). Желката била пронајдена во областа на Термите на Стабија, а била закопана во пепел, кал и лава во 79. година, поради што и е делумно зачувана.

Помпеја била повторно откриена во 18 век, а како археолошко наоѓалиште денес е и една од најпопуларните туристички атракции во Италија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2022 10:32