Современиот турист бара начин дестинацијата да ја почувствува на повеќе начини, не само да ја види, не само да се нахрани, туку да има доживување, како преку вкусовите, така и преку приказните. А храната е таа која може да се поврзе со историјата, природата, со културата и традицијата, така преку една порција со храна може да се кажат многу приказни, да се дознае нешто и преку храната сето тоа да се почувствува и ужива.

Хрватска годинава очекува исклучително успешна туристичка сезона, а една од главните адути ова лето се бројните острови, вклучувајќи го и островот Брач, кој е најголем во Далмација и трет по големина остров на Јадранското Море.

До него и градот Супетар со траект дојдовме за половина час од Сплит, 30 новинари од шест земји, со сознанието дека овој остров е познат по брачкиот камен, со кој според легендата е градена Белата куќа во Вашингтон, по Супетар и плажата Златен раб…

-Брач е богат со природни убавини, преубави плажи, море и тој е остров кој во гастрономска смисла се издвојува од другите далматински острови. Тој е познат по брачкиот камен, брачкото јагнешко, маслиновото масло и тој е најголемо маслиново подрачје во Хрватска со над милион стабла на маслини. Ова е стар остров и имињата на населбите на Брач потекнуваат од светители, па така Супетар влече име по Свети Петар, Сумартин по Свети Мартин, а Сутиван по Свети Иван, со прекасни плажи и туристичка понуда, остров кој годишно го посетуваат 250.000 туристи, ни кажа на пречекот директорот на Туристичката заедница на градот Супетар, Иван Цвитаниќ.

Брач е познат и по јагнешко месо, овчото сирење, маслинките и маслиновото масло со врвен квалитет, брачкиот вареник, посебните колачи и секако по риби, ракови и школки од морето кое го опкружува островот.

Но, Брач има уште една нова приказна, која ќе ви ја кажеме.

Таа беше покрената од Карин Мимица, директор на Гастронаут во соработка со туристичката заедница на градот Супетар преку проектот „Отклучување на вкусовите на Брач – Клуч на вкусот“, чија цел беше на иновативен начин спојување на островската храна со модерната гастрономија, отклучување на автентични вкусови на намирниците од Брач и традиционални јадења, со што се зајакнува вредноста и понудата на островскиот туризам.

-Современиот турист сака да ја почувствува дестинацијата во секоја смисла, да го доживее тој простор. И храната е многу важна тука. Решивме да го искористиме слоганот „клуч на вкусот“, затоа што Супетар е првото место до кое се доаѓа со ферибот од Сплит и има карактеристики што го одделуваат од сите соседни туристички дестинации на Јадранот. Особено во гастрономијата. Драго ми е што локалните угостители ја поврзаа кулинарската традиција на оваа област со современите трендови во гастрономијата. Сите овие деликатеси на одреден начин ја раскажуваат приказната за историјата на Брач и сигурен сум дека ова ќе ги привлече туристите, посочи менаџерот на проектот Карин Мимица од Гастронаут.

Коорганизаторите на проектот беа конобата Кала, Музејот на маслиново масло, конобата Кај Тонча, Шторија, конобата Винотека, ресторанот и суши Бар Чопстикс, ресторанот Оток, Хотел Осум, бистрото Бонаца и партнерите Вотерман Супетарс Ресорт, Винарија Сенковиќ и винаријата Стина. Овој интерес на угостителите и туристичкиот персонал на Брач покажа дека и тие го разбрале потенцијалот и можноста која гастрономската понуда може да ја донесе за развој на туризмот на островот.

И таа понуда е навистина богата за еден така мал простор како што е островот Брач.

Брачко јагне на шпиц и октопод под вршник, јагнешко рижото со вареник, стек од јадранска туна со печен брачки зеленчук, панирано брачко јагнешко на паришки начин, домашен сорбет од брачки лимон, брачка торта без брашно со ореви, бадеми, јајца и портокал, сладолед од овчо сирење, се само дел од специјалитетите кои се речиси исклучиво направени од локални производи. Угостителската практика на Брач е да се користат што повеќе домашни состојки во кујната, од брачкото јагнешко, преку маслиново масло со врвен квалитет до овчото и козјо брачко сирење, зеленчук и зачините како капарот, мотар, морската шпарога, бадеми, суви смокви, киселата капулица, кои се широко користени мириси и вкусови на Медитеранот.

Во понудата на гастрономската карта на Брач е и вареникот!

Што е вареник? Станува збор за редуцирана винска шира која се користела за зголемување на градацијата на виното при подготовка на прошек, а во кујната како засладувач и зачин. Тоа беше во време кога шеќерот не беше толку достапен, па вареникот беше незаменлива состојка во секое домаќинство. Вареник има и во фритулите и одличен е, патем, за секоја шуга, дива свиња, пастицада. На Брач се одржуваат и варенички денови, во почетокот на октомври.

Во Супетар дури и азиската кујна е прилагодена на брачките производи, па така отворен е ресторан & суши бар, кој меѓу другото служи јадрански тартар од туна и островски ролат со свежи локални состојки и азиски шмек. Исто така, младите угостители на овој остров нудат футуристичка кујна заснована на традицијата на Брач, па можно е да пробате карпачо од бела риба, равиоли или крем брудет на сосема нов начин.

Брачаните се особено горди на јадењето кое е впишано на списокот на заштитени нематеријални добра – Брачкиот виталец (јадење од јагнешки изнутрици). Исто така, задолжителен дел од гастрономската понуда е и брачкиот колач храпочуша. Сето тоа секако со јагнешко месо, кое го нарекуваат кралица на брачката гастрономија, а најдобро да ја вкусите во Шторија над Супетар, каде прават „јагнетина на шпиц“-нешто како огромен ражнич и каде се прави најдобриот октопод под вршник.

Со милион стебла од маслинки, Брач е водечки производител на маслиново масло во Хрватска, а за богатата традиција на производство сведочи уникатниот музеј за масло во Шкрип, каде со дегустација можете да дознаете за 160-годишната традиција на производство на масло во семејството Крстуловиќ. Брачкото маслиново масло доби и ознака за потекло на ниво на Европската Унија. Овој музеј е заштитена етнографска збирка на културното наследство на Хрватска и воедно во него се уште се произведуваат маслинови производи на традиционален начин кои можат да се вкусат на лице место.

За значењето на маслинките на Брач говори и практичната и мудра традиција според која ако некој сака да се венча во црква, тогаш морал да посади 50 стебла на маслинки и 100 винови лози!

Маслиновото масло е познато речиси исто како и брачкиот бел камен кој со векови се извезувал од овој остров и од кој е изградена познатата Диоклецијанова палата во Сплит и зградите на парламентот во Виена и Будимпешта.

На Брач се произведуваат и вина со врвен квалитет, во винарските визби Стина, Сењковиќ и други, кои иделно се вклопуваат во автентичната гастрономска понуда.

Интересот на туристите за одмор на Брач расте. Покрај класичната хотелска и понудата на приватните апартмани, сè повеќе се бараат ол-инклузив одмори, како оние што ги нуди Вотерман Супетарс Ресорт во Супетар, како и двата специјални хотели за возрасни.

-Покрај прекрасните разновидни плажи, Брач има 24 населби кои вреди да се истражат. Благодарение на бродските врски со Сплит, но и со Макарска, ние сме многу достапни за туристите. Има многу работи што вреди да се видат, вклучително и каменорезското училиште во Пучишче, кое е само едно од трите училишта во светот што учат рачна техника на обработка на камен, како и пустината Блаца, манастирот на глаголица, основан во 16 век. Тука е и Змејската пештера од старословенско време и многу други места за посета, истакна директорот на Туристичката заедница на градот Супетар, Иван Цвитаниќ.

Порака на оваа наша приказна е синергијата.

Зашто, каква би била приказната за Брач без неговата традиција, Супетар без младите, имагинативни, вредни и иновативни угостители и конечно, што е денешниот турист без да ја открие и целосно да ја доживее дестинацијата на која доаѓа.

Тоа е и клучот за успешен и добар одмор.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2022 09:31