Музеј-палатата во Пекинг, којашто се наоѓа во срцето на Забранетиот Град, ја содржи најголемата колекција на кинеска уметност, што опфаќа речиси 5.000 години историја. Но, таа сега доби и свој „одгранок“…

Имено, повеќе од 900 артефакти се изложени во новата Музеј-палата во Хонг Конг, а чинот претставува еден вид подарок од кинеската централна Влада, што се совпадна со 25-годишнината од предавањето на градот од Британците на Кина (1 јули, 1997). Иако нема ништо отворено политичко во колекцијата, Музејот предизвика контроверзии кога за првпат беше објавен кон крајот на 2016 година од лидерката на Хонг Конг во заминување – Кери Лам (Главен секретар за администрација од 2012. до 2017. и четврта извршен управителка од 2017. до 2022 година), поради недостаток на јавна консултација пред проектот.

Долгорочниот заем на Музејот, што вклучува ретки дела, ќерамика, жад и друго, беше потег што ги надмина типичните музејски практики.

Претседателот на Музејот во Хонг Конг, Бернард Чен самиот нагласи во интервју за Си-ен-ен, дека „ова е првпат национално богатство од ваков размер да се префрли на друга културна институција“, што е огромен потфат, земајќи ги предвид комплексноста на превозот, обезбедувањето и осигурувањето.

Изградбата на музејот е финансирана со 450 милиони долари од „Хонг Конг џокеј-клубот, една од најстарите институции во Хонг Конг, основана 1884 година.

Од многуте изложени предмети, 166 артефакти се сметаат за „национални богатства од прв ред“ и се прикажани во тематски целини.

Главна знаменитост сигурно ќе биде ротирачката изложба на кревките, кршливи предмети и исклучително ретки слики и калиграфии од кинеските династии Џин, Танг, Сонг и Јуан.

Иако улогата на официјален Пекинг останува непозната, Музејот е во согласност со „визијата“ на кинескиот претседател Си Џинпинг за „кинескиот сон“ за „големо подмладување на кинеската нација“, во којшто економската иднина на Кина и меѓународното влијание се испреплетени со историската слава на нацијата. Патриотизмот, „ширењето на кинеските и суштинските социјалистички“ вредности, како и традиционалната кинеска култура, во визијата на претседателот, треба да се гледа како извор на инспирација за денешните литературни и уметнички иновации.

За жителите на Хонг Конг, Музејот станува летна дестинација од највисок тренд, но и „извор на пари“. Само за месец јули се продадени над 110.000 билети, а посетителите ќе можат да уживаат во две огромни изложбени сали, ресторан, театар со 400 седишта, но и разни други активности.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2022 14:02