Шпанија го врати својот познат Фестивал на трка со бикови, којшто се одржува во Памплона, по двегодишна пауза поради пандемијата на коронавирус.
Пуштањето на огнометот познат како „чупиназо“ од балконот на градското собрание на градот на северот од Шпанија, го означи официјалниот почеток на деветдневната свеченост на плоштадот „Сан Фермин“. Така, илјадници посетители од целиот свет, облечени во традиционалната бела облека со црвен шал, скандираа „Вива Сан Фермин!“ Дел од традицијата е и да се посипуваат учесниците со вино. Првата трка, која традиционално собира и најмногу учесници, се случува денеска.
Годишниот фестивал, можеби познат и по романот на Ернест Хемингвеј од 1926 година – „Сонцето повторно изгрева“, последен пат се одржа во 2019 година. Властите го откажаа настанот во 2020. и 2021 година поради пандемијата. Фестивалот првпат беше откажан по Шпанската граѓанска војна во 30-тите години од минатиот век.
Фестивалот, инаку, датира од средниот век, а вклучува и концерти, верски поворки, народни танци и деноноќни веселби со вино.
Врвот на свеченостите, сепак, е тестот на храброста, кога групата бикови со остри рогови се пуштаат на улиците, а луѓето мора да избегаат од нив. Секој ден во осум часот, стотици лица се тркаат со шест бикови по патека долга 850 метри.
Најхрабрите (или најневнимателните) трчаат што е можно поблиску до роговите на биковите, по можност – без да бидат прободени. Тоа значи мнозина повредени секоја година.
Последниот смртен случај беше забележан во 2009 година, кога бик прободе 27-годишен Шпанец во вратот, срцето и белите дробови.