Комплет орудија за лов на вампири од 19. век, којшто му припаѓал на член на Горниот дом на британскиот Парламент, е продаден на наддавање во Велика Британија. Ова е објавено на страницата на аукциската куќа „Хансонс окшенирс“ (Hansons Auctioneers).

Чифт пиштоли, сад со света вода, Библија во готски стил, дрвен чекан, колец, бакарни свеќници, бројаници и полициски документи од минатиот, 20. век биле ставени во ковчег со две месингани распетија на врвот… Сѐ тоа првично е проценето на 2.000 – 3.000 фунти. На аукцијата, цената на колекцијата достигна околу шест пати повисока цена, па на крајот неименуван купувач од Велика Британија платил 16.900 фунти, земајќи ги предвид и дополнителните трошоци.

Првиот сопственик на артефактите бил Вилијам Малком Хејли – првиот барон Хејли. Меѓу 1920 и 1930 година тој бил гувернер на Пенџаб, а потоа и на обединетите покраини Агра и Ауда во Британска Индија. Неговите иницијали се испишани на предметите.

– Без разлика дали се работи за суеверие, страв или само хоби, сепак е многу интересно да се знае дека овој комплет бил во посед на човек од високото општество и член на Домот на лордовите, изјави сопственикот на аукциската куќа, Чарлс Хансон.

Тој вели дека предметите привлекле огромен интерес кај купувачи од целиот свет – Франција, САД, Канада, Австралија и други.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2022 09:55